Мерцедес АМГ изненади во Монтреал, Џорџ Расел беше најбрз и ја забележа Пол позицијата за Големата Награда на Канада, со идентично време како и Макс Ферстапен, кој ќе му прави друштво на првиот стартен ред!
Луис Хамилтон исто така беше многу брз, но не успеа да го погоди последниот брз круг. Првите тројца се разделени во само 21 илјадити дел од секундата. Ферари, по победата во Монако не успеа да влезе во најбрзите десет возачи.
Гледавме спектакуларни квалификации, со резултати тешки за прогнозирање, но затоа и беше толку интересно да се проследат случувањата на патеката Жил Вилнев.
Сигурно никој не очекуваше дека Мерцедес АМГ ќе биде на Пол позицијата, но тие беа многу брзи на саботниот тренинг и со овој пласман ја потврдија таа брзина.
Уште повеќе, одличните перформанси што ги покажаа во текот на денот обезбедување на првиот стартен ред беше повеќе од возможно, но последниот брз круг на Луис Хамилтон не беше добар.
Се разбира, Џорџ Расел ја доби Пол позицијата за Мерцедес АМГ благодарение на тоа што прв го забележа заедничкото време со Макс Ферстапен. Немаше толку блиски квалификации од Херез 1997 година, кога тројца возачи, Жак Вилнев, Михаел Шумахер и Хајнц-Харалд Френцен поставија исто време.
Немаше разлика меѓу првите два, додека третиот најбрз возач, Ландо Норис, заостана само 21 илјадитинка, а Оскар Пјастри на П4 нешто повеќе од десетинка.
Даниел Рикиардо беше петти, а Фернандо Алонсо, шести и само две десетинки од времето за пол позицијата.
Изненадување е што го видовме Хамилтон на П7 по претходно прикажаните добри кругови, но и тоа е подобро од киксот на Ферари, чии возачи не успеаа да се изборат за Q3 настап.
Серџо Перез со отпаѓањето во Q1 сесијата не ја оправда довербата на Ред Бул во неговите можности со продолжување на неговиот договор.
Пред почетокот на квалификациите, облаците се собираа на подрачјето на островот Нотр-Дам, каде се наоѓа патеката, и иако сè уште немаше дожд, неговата веројатност беше проценета на 80%.
Во Q1 сесијата борбата се одвиваше на црвените гуми, а тркачкиот инженер го извести Ландо Норис дека првите капки дожд веќе се појавиле, но и ако заврне, тоа ќе биде многу малку.
Или поради ова, или едноставно поради погрешниот избор на брзина, Карлос Саинц Јр. се најде надвор од патеката, извозе низ зоната за излетување, но се врати без последици.
На почетокот на првата сесија на првото место наизменично се пласираа Ленс Строл, а потоа неговиот тимски колега Фернандо Алонсо, па Џорџ Расел, а него го замени Ландо Норис. Следуваше, Макс Ферстапен, кој возеше зад него, и го подобри најбрзото време за 0.173 секунди.
Кога заврши половина од сесијата, Оскар Пјастри, Серџо Перез, Пјер Гасли, Естебан Окон и Џоу Гуанју останаа на дното на табелата. Патем, Строл по втор пат имаше блиска средба со "Ѕидот на шампионите", но без последици по болидот.
Луис Хамилтон и Јуки Цунода, секако ненамерно, успеаа да му посметаат во брзиот круг на Пјастри, инцидент што ги заинтересира стјуардите, но не пронајдоа основа за казна.
Австралицот од Мекларен не беше единствениот што имаше проблем во сообраќајот, на ова се пожали и Чарлс Леклер, но барем беше на П7. Гасли имаше многу добар круг и се искачи во првите пет, иако не остана таму многу долго. Пјастри исто така се подобри, но имаше време само за П11.
Патеката се подобруваше со неверојатно темпо, па Луис Хамилтон ја презеде првата позиција со време 1:12.851. Сепак, на самиот крај од сесијата се сменија првите тројца, по што Макс Ферстапен го имаше најбрзото време од 1:12.360.
Јуки Цунода, чиј договор со РБ штотуку беше обновен за 2025 година, ја потврди својата брзина со второто најбрзо време.
Макс П1, но Серџо Перез, како и во Монако, отпадна од борбата по првиот дел од квалификациите. Втора трка по ред Мексиканецот успева да се квалификува на П16. Покрај него квалификациите завршија и за Валтери Ботас, Естебан Окон, Нико Хулкенберг и Џоу Гуанју.
Инженерите повторно ги предупредија своите возачи дека доаѓа дожд, кој ќе биде слаб и краток. Сите болиди се наредија во пит-линијата, сите сакаа да ги извозат своите брзи кругови пред времето да се влоши.
Во Q2 сесијата битката повторно се одвиваше на црвените пневматици, а Оскар Пјастри го имаше првото најбрзо време, 1:12.462. Подоцна Џорџ Расел го подобри тоа време за 0.139 секунди.
Луис Хамилтон се искачи на П3, Ландо Норис беше четврти, Чарлс Леклер беше петти. Неговиот тимски колега Карлос Саинц Јр. беше на П10, а Макс Ферстапен беше 11-ти.
Но, во следниот обид Карлос забележа време за П8, а Ферстапен за П10.
Во повторена снимка видовме дека Џорџ Расел, за малку ќе ја изгубеше контролата над болидот во 4-от свиок, но сепак успеа да го исконтролира својот Мерцедес АМГ и да избегне контакт со заштитните бариери.
Времето на втората сесија се приближуваше кон крајот, сите болиди беа на патеката со нови сетови на црвени гуми, освен возачите на Ферари!
Ландо Норис го забележа најбрзото време, а Јуки Цунода беше на П2 во тоа време, што може да се смета за многу импресивно достигнување. Времето на Британецот беше подобрено прво од Хамилтон, потоа од Расел, но тоа сепак беше за очекување.
Сензација на Q2 сесијата беше тоа што возачите на Ферари не се пласираа во квалификациското финале!
Чарлс Леклер беше само 11-ти, откако направи грешка во последната шикана, очигледно поради фактот што болидот едноставно немаше доволно грип на патеката. Неговиот тимски колега беше 12-ти. Дефицитот на црвените болиди беше уште поизненадувачки со оглед на тоа што и возачите на Торо Росо (РБ) и Алекс Албон со болидот на Вилијамс стигнаа до финалето.
Пред да го напушти болидот, Леклер иритирано промрморе: "Претпоставувам дека не поминавме. Подобро да се воздржам од коментари."
Од понатамошниот тек на квалификациите отпаднаа и Логан Сарџент, Кевин Магнусен и Пјер Гасли.
Возачите на Мекларен први излегоа на патеката за последната Q3 сесија, а инженерот му кажа на Норис дека заканата од дожд повеќе не постои. Повторно сите учесници во финалниот сегмент возеа на црвени гуми, малкумина на нов, повеќето на веќе употребен сет.
По првите брзи круга, Ферстапен го имаше најбрзото време со 1:12.358. Пјастри беше П2 во оваа фаза од сесијата, следен од Алонсо и Строл.
Но, тогаш следуваше кругот на Џорџ Расел од 1:12.000 за провизорната пол позиција. Хамилтон заостана 0.280 секунди од својот тимски колега.
По првиот обид сите се вратија во своите гаражи. На патеката со нов сет на црвени пневматици повторно први излегоа возачите на Мекларен. Од нив, Ландо беше побрз и се искачи на П2.
Преостануваа две минути до крајот на квалификациите, во кои следуваше повеќе од интензивна битка за пол позицијата.
Ленс Строл забележа време за П6, Фернандо Алонсо за П5, Даниел Рикиардо, П4, неговиот тимски колега П8.
Макс Ферстапен беше најбрз во првиот сектор, но малку забави во вториот и го заврши кругот со идентично време како и Џорџ Расел од првиот обид, 1.12.000!
Во вториот брз круг освен Макс никој не се подобри, но Пол позиција ја доби Џорџ Расел, бидејќи прв го забележа најбрзото време! Ова беше само втора пол позиција во кариерата за Британецот, првата ја имаше во Унгарија во 2022 година.
Џорџ Расел едноставно зрачеше од радост кога коментираше за успешниот настап на патеката во Монтреал, посветувајќи го ова достигнување на тимот на Мерцедес АМГ и ветувајќи дека ќе се бори за победа на неделната трка.
ЏОРЏ И МАКС СО ИДЕНТИЧНО ВРЕМЕ, МЕРЦЕДЕС АМГ НА ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА
6/08/2024 09:40:00 PM
0
Share to other apps