Ландо Норис беше најбрз на првата тренинг сесија за Големата Награда на Холандија, која се вози на патеката Зандворт.
Сесијата започна на сините гуми за дожд, а заврши со гуми за суво. Макс Ферстапен беше втор со две десетинки заостанување, со Луис Хамилтон трет и Карлос Саинц Јр. четврти.
На овој тренинг шанса за настап доби Роберт Шварцман, возејќи го Зауберот на Валтери Ботас.
Возачите беа многу претпазливи кога ги напуштаа своите гаражи и долго време имавме само инсталациони кругови без забележани времиња.
По 15 минути почнавме да ги бележиме првите времиња. Набрзо престана да врне, а патеката забрзано се сушеше.
По изминати 30-тина минути, Ферстапен и Хамилтон беа првите возачи кои се осмелија да излезат на зелените интермедија гуми на Пирели. Времињата паднаа за четири и пол секунди.
Ландо Норис го имаше најбрзото време на нив, но првите болиди со гуми за сува патека се појавија за десетина минути. Сите емоции што недостасуваа во почетните 50 минути, требаше да пристигнат во последните десет.
Многу виолетови сектори, со времиња блиску до она вистинското за оваа крајбрежна патека. Тимовите ги имаа првите корисни податоци за неделната трка, која би требало да биде на сув асфалт.
Ландо Норис беше јасен фаворит за првото место, затоа што уште на првиот круг со црвените гуми ја намали границата до 1:14.519. Гумите за суво време беа до шест секунди побрзи од интермедија зелените пневматици.
Речиси сите возачи се одлучија да стартуваат со црвените, освен Ферари, кои на патеката излегоа на жолтите гуми, без голем интерес да бидат на врвот на табелата.
Ландо Норис беше убедливо најбрзиот возач, две десетинки пред Ферстапен и шест пред Хамилтон. Следуваше Саинц Јр. со жолтите пневматици, со добар последен круг што му го донесе четвртото место.
Џорџ Расел на петтото место, а добар настап имаше Алекс Албон со Вилијамс кој успеа да забележи Топ 6 резултат.
Многу повеќе очекуваме од втората тренинг сесија, која на програмата е закажана за 16:00 часот.
МЕКЛАРЕН ПРОДОЛЖУВА СО ПОБЕДНИЧКИ СТИЛ
8/23/2024 12:23:00 PM
0
Share to other apps