Рено официјално потврди дека нема да дизајнира и произведува сопствена погонска единица за Формула 1 тимот на Алпин по преминот кон новите технички прописи во 2026 година.
Така да, од 2026 година, Алпин ќе го изгуби статусот на фабрички и ќе стане клиентски тим.
Допрва треба да се договорат со новиот добавувач, но постои голема веројатност дека болидите конструирани во Енстон ќе имаат погонски единици на Мерцедес.
Базата на Рено во Вири-Шатилон, која развиваше и произведуваше Формула 1 мотори/ПЕ, ќе биде претворена во инженерски центар Hypertech Alpine, кој ќе започне со работа на крајот на 2024 година и ќе се фокусира на неколку проекти.
Тие вклучуваат развој на нов Алпин суперавтомобил, истражување и развој на технологија за електрични мотори и акумулатори на иднината, работа на тековните програми за моторспорт на Рено, како WEC, Дакар релито, Формула Е и создавање на единица за следење на технолошкиот развој во Формула 1 шампионатот.
Филип Криф, главниот извршен директор на Алпин, ги нарече промените пресвртница во историјата на Вири-Шатилон и додаде дека "тркачката ДНК останува камен-темелник на брендот."
Денес, 30 Септември 2024 година, Рено кој развиваше и испорачуваше мотори на тимовите во Формула 1 во поголемиот дел од последните 50 години се предаде т.е. капитулираше пред новите технологии.
Последниот Ф1 возач кој стана шампион во болид со погон на Рено мотор беше Себастијан Ветел.
Она што ги изненади повеќето Ф1 аналитичари е што оваа одлука беше донесена во период кога новиот мотор за 2026 година беше во релативно напреден развој и првите резултати биле во согласност, па дури и ги надминале, планираните перформанси.
Раководителите на одделот биле убедени дека тие повторно можат да бидат референца кога станува збор за моторите. Но, и покрај тоа одлуката беше донесена. Финансиите победија. Купувањето и користењето на ПЕ ќе чини помеѓу 17 и 20 милиони евра по сезона, бидејќи ФИА ја одредува максималната цена.
Но, да се има свој мотор бара дополнителна инвестиција во истражување и развој која лесно може да надмине 100 милиони евра.
Сто милиони важни заштеди во турбулентни времиња за автомобилската индустрија кои можат да се пренаменат за развој на нови сериски автомобили, но тие исто така можат да послужат за намалување на долгот на групацијата поради создадените загуби со електричните автомобили.
Токму на истиот ден од средбата со претставниците на синдикатот, Рено продаде дел од својот удел во Нисан, околу 5% од акциите на јапонската компанија, за сума околу 500 милиони евра.
Потенцијалниот сојуз со Мерцедес има своја финансиска, а можеби и деловна логика. Помеѓу Рено и Мерцедес во последно време имаше многу синергии на полето на автомобили и комбиња. Плус, на овој начин, добиваат мотор за кој се претпоставува дека ќе биде конкурентен.
Одделот за Ф1 мотори на Рено, има 12 шампионски титули кај конструктори и 11 титули кај возачите. Тие први го претставија турбо моторот, во кој никој не веруваше, но, на крајот сите останати го имитираат.
Црвениот картон на одделот од Вири беше доделен по неможноста да се прилагодат на сегашната хибридна Ф1 ера. Тие беа победници пред оваа ера, но потоа недостасуваше завршниот чекор да се стигнат најдобрите, секогаш заостануваа.
До целосното затварање на Ф1 одделот за мотори/ПЕ мал број техничари ќе работат на производство и одржување на погонските единици за 2025 година и ќе ги воведат минималните измени дозволени со регулативите.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.