Макс Ферстапен демонстрираше вистинско мајсторство на дождот и од седумнаесеттата позиција стигна до победата на Големата Награда на Сао Пауло, во исто време задавајќи му сериозен удар на неговиот ривал за шампионската титула.
Ландо Норис стигна само до 6-то место и покрај тимската наредба и пропуштање од страна на Оскар Пјастри.
Тешко е да се каже дали ова беше најдобрата трка за Ферстапен во Формула 1, бидејќи ги има повеќе во својот репертоар. Но, во најмала рака може да се каже дека е еден од најдобрите во моментов во врвниот шампионат. Кога е најпотребно никогаш не повлекол погрешен потег.
Трикратниот шампион одлично стартуваше и само во еден круг се пласираше на единаесеттото место, а потоа одржа лекции во претекнување и брзо се најде зад болидот на Чарлс Леклер.
Во тоа време, стратегијата влезе во игра, дождот го засилуваше својот интензитет во деликатните услови на Интерлагос, сите се двоумеа која е вистинската гума да се биде на патеката, сини или зелени.
Чарлс Леклер и Ферари се решија први да ризикуваат и да влезат во бокс по нови интермедија гуми, но заглавија во сообраќајот на патеката. Ништо не беше постигнато од нивна страна.
По неколку круга на патеката беше воведен режим на виртуелно безбедносно возило, па возачите подолу во поредокот се решија за влез во бокс по нови гуми. Прв што го искористи тоа беше Оскар Пјастри кој возеше на 7-то место.
Џорџ Расел, Ландо Норис и Макс на 6-тото мораа да комплетираат уште еден круг поради тоа што го поминаа влезот на боксевите кога беше воведен режимот на ВБВ.
Кога дојде време за одлука, од топ 6 поредокот само Џорџ Расел и Ландо Норис се упатија во бокс, иако тимовите на пит-ѕидот веќе добија инфо дека режимот на ВБВ ќе заврши.
За разлика од нив Макс Ферстапен и возачите на Алпин решија да останат на патеката, бидејќи дождот се уште не престануваше, па дилемата сини/зелени гуми остана на сила.
Следуваше излетување на Франко Колапинто беше воведено црвено знаме, кое можеби требаше да биде покажано и многу порано.
Возачите на Алпин и Макс Ферстапен добија нови гуми и добра шанса да го одбранат подиумот. Единствена пречка до победата за Холанѓанецот беше Естебан Окон и, очигледно, на Макс не му требаше многу време да го превземе водството.
Победа, со вклучен најбрз круг, тоа значи дека ја зголеми разликата во однос на Ландо Норис за дополнителни 18 поени и да се зголеми разликата на 62 поени во шампионатот на возачите со преостанати три трки.
Возачите на Алпин стигнаа до двоен подиум и од деветтото место во шампионатот на конструктори се искачија на шестото.
Џорџ Расел финишираше на четвртото место, пред Чарлс Леклер и возачите на Мекларен, но Јуки Цунода се пласираше пред Оскар Пјастри по аплицирање на казната за Австралиецот од 10 секунди.
Лиам Лосон и Луис Хамилтон ги обезбедија последните бодови.
Конфигурацијата на Интерлагос (Хозе Карлос Паче) е таква што фаворизира тркање па обично трките се спектакуларни. Тоа беше случај и и оваа година.
Мекларен доминираше во текот на целиот викенд, вклучително и квалификациите на влажна патека кои беа одложени за недела наутро и на кои имаше неколку излетувања.
За трката, повторно влажна патека и многу возачи надвор од својата нормална позиција, како Макс Ферстапен, Луис Хамилтон, Карлос Саинц Јр., кој стартуваше од пит-линијата.
Пред стартот на трката веќе имавме две жртви. Алекс Албон по излетувањето во Q3 не можеше да учествува на трката. Дополнително, Ленс Строл имаше мало излетување во загревачкиот круг и во обидот да се врати на патеката го заглави својот Астон Мартин во чакалот, па и неговата трка заврши пред официјално да започне.
Стартот мораше да биде прекинат, не беше објавено дека ќе имаме нов загревачки круг, но Ландо Норис стартуваше од својата позиција, по што и други возачи го следеа. Случајот се истражува.
Јуки Цунода и Лиам Лосон без казни за предвремено напуштање на гридот!
Ландо Норис и Џорџ Расел се казнети со 5.000 евра и возачка опомена!
Стартот беше доста чист. Џорџ Расел започна многу подобро од Ландо Норис и го презеде водството на трката по првиот свиок, пред неговиот сонародник и Јуки Цунода, Естебан Окон и Чарлс Леклер.
Лиам Лосон падна на шестото место, а зад него беа Оскар Пјастри и Фернандо Алонсо.
Макс Ферстапен на крајот од првиот круг веќе беше единаесетти, а на стартот од вториот круг го претекна Луис Хамилтон за десеттото место.
Напред, Џорџ Расел успеа да направи безбедна разлика пред Ландо Норис во првите неколку круга. Видливоста беше слаба и ја одигра својата улога, па возачот на Мекларен мораше да остане на нешто повеќе од една секунда.
Карлос Саинц Јр., во четвртиот круг, беше на шеснаесеттото место откако го престигна Џоу Гуанју. Серџо Перез падна на последното место во првиот круг откако се изврте во 10-от свиок.
Макс Ферстапен не сакаше да загуби ниту секунда во воведните фази на трката. Во петтиот круг, трикратниот шампион го претекна Пјер Гасли, во првиот свиок, за да се пласира на деветтото место.
Веќе во следниот круг тој го престигна и Фернандо Алонсо, во 4-от свиок за осмото место. Неговата следна мета беше Оскар Пјастри, кој беше претекнат полесно од очекуваното со спектакуларно сопирање од внатрешната страна на првиот свиок.
Во тие моменти Ландо Норис го зголеми темпото и заостануваше помалку од една секунда зад Расел.
Макс Ферстапен, со слободна патека пред себе започна да "лета" по патеката и веќе во 10-от круг можеше да се насети изненадувачки резултат. Во следниот круг, единаесеттиот, Макс веќе беше шести откако го престигна Лиам Лосон во 8-от свиок.
По петнаесет круга, трката малку се стабилизира. Гумите почнаа да бараат малку одмор, а нивното штедење беше очигледно од страна на некои возачи.
Расел водеше, а Норис беше блиску зад него, но Цунода веќе заостана седум секунди, а Окон осум секунди. Веднаш зад Французинот беа Леклер и Ферстапен, а малку поназад Алонсо ја загуби деветтата позиција од Гасли во шеснаесеттиот круг.
Набргу потоа, во деветнаесеттиот круг, Саинц Јр. веќе беше тринаесетти откако го претекна Хамилтон, но потоа направи грешка и падна на петнаесетото место.
Во 25-от круг, Чарлс Леклер и Ферари решија да ја започнат првата серија на влегување во бокс по нови гуми. Грешната процена беше очигледна, кога по излегувањето на патеката Ферарито остана заглавено зад Берман и Хамилтон.
Дождот го засилуваше својот интензитет. Во тие моменти, Лиам Лосон и Оскар Пјастри имаа помал инцидент во првиот свиок и Пјер Гасли и Фернандо Алонсо ја искористија ситуацијата.
Во 27-от круг, Нико Хулкенберг излета од патеката во првиот свиок и предизвика режим на виртуелно безбедносно возило. Водечките го имаа поминато влезот во боксевите, а ситуацијата први ја искористија Јуки Цунода, Оскар Пјастри и Фернандо Алонсо за промена на гуми.
Во следната прилика Џорџ Расел и Ландо Норис се упатија во бокс, кога веќе завршуваше режимот на ВБВ. Макс Ферстапен и возачите на Алпин се решија да останат на патеката, бидејќи патеката беше многу влажна па изборот сини/зелени гуми беше 50-50.
Неколку возачи дури се одлучија за сините гуми за дожд. Условите на патеката беа "печени" за црвено знаме, кое никако не беше воведено, иако вчера во полесни околности не беше дозволено да стартуваат квалификациите.
Во 30-от круг, Ландо Норис го искористи невниманието на својот сонародник и во многу деликатните услови го престигна Џорџ Расел за 4-то место. Веднаш потоа, тркачкиот директор се реши да го изнесе безбедносното возило на патеката, иако условите како што кажавме беа за црвено знаме.
Патеката беше многу влажна и беше тешко да се задржат болидите на патеката. Па така, неколку круга подоцна, сакале или не мораше да ја стопираат трката во 32-от круг кога Франко Колапинто имаше излетување под режим на безбедносно возило.
Црвеното знаме, се разбира, беше многу добро за возачите кои решија да останат на патеката. Окон водеше, пред Ферстапен, Гасли и Норис кој веќе беше во бокс, иако тоа веќе не беше корисно, бидејќи секој може да смени гуми под црвено знаме.
Зад Норис беа Расел, Цунода, Леклер, Пјастри, со казна од десет секунди за инцидентот со Лосон, Алонсо и Лосон. Трката беше рестартирана во 18:02 часот по македонско време со летечки старт.
Естебан Окон знаеше како повторно да ја започне трката во вистинско време за да добие неколку метри над Ферстапен, искористувајќи ја и подобрата видливост бидејќи тој е лидер.
Ландо Норис не беше толку успешен и го загуби четвртото место од Џорџ Расел откако малку излета од патеката во 4-от свиок. На крајот од кругот, Фернандо Алонсо беше претекнат од Луис Хамилтон и падна на десеттото место.
Патеката беше премногу влажна, така што видливоста беше многу мала и Естебан Окон успеа да добие три секунди во однос на Макс Ферстапен за само неколку круга.
Во меѓувреме, жолтите знамиња беа развејувани во неколку наврати, а во главна улога беше Оливер Берман кој излетуваше од патеката неколку пати и дури малку се судри со заштититните барири покрај 6-от свиок.
Патеката беше незгодна за возење, па во 39-от круг безбедносното возило мораше повторно да излезе. Карлос Саинц Јр. изгуби контрола над својот болид и удри во заштитните бариери покрај 8-от свиок, при што беше принуден да се откаже.
Веќе имаше пет возачи кои беа надвор од трката на останати уште 30 кругови до крајот. Сè уште се беше во игра.
Рестартирањето дојде во 43-от круг и, во оваа прилика, Окон не можеше да го задржи Ферстапен зад себе. Холанѓанецот нападна на омиленото место за оваа трка, внатрешната страна на првиот свиок и го претекна Французинот за водство на трката!
Ландо Норис не беше во форма и повторно излета надвор од патеката, неуспевајќи да го "фати" првиот свиок и падна на седмото место. Ферстапен водеше пред возачите на Алпин, Леклер, Расел, Пјастри и Норис.
Алонсо го мина Хамилтон на рестартот, но потоа излета од патеката во 12-от свиок и падна на петнаесеттото место. Кам-бекот на Ферстапен од П17 до лидерската позиција беше завршен во 43 круга.
Ландо Норис се најде на шестото место, откако стигна тимска наредба до Пјастри да го пропушти својот тимски колега. Но, тоа беше максимумот за Британецот, немаше сили за нешто повеќе.
Од тој момент, летечкиот Макс го оправда овој прекар, и бележеше најбрзи кругови еден по еден, 17 до крајот на трката. Во 50-от круг тој веќе го имаше Окон повеќе од пет секунди зад него, во 59-от на десет до крајот Французинот заостануваше повеќе од десет секунди.
Очекувано, Макс Ферстапен немаше проблеми во последните кругови и ја забележа својата 62-та победа во Формула 1, вклучувајќи го и најбрзиот круг, со огромна разлика пред Окон и Гасли.
Двоен подиум за Алпин по одбраната од Џорџ Расел, а далеку зад себе ги оставија Леклер и Норис.
Цунода, Пјастри, Лосон и Хамилтон го комплетираа списокот со освојувачи на поени.
МАКС ФЕРСТАПЕН ОДРЖА ЛЕКЦИЈА ПО ВОЗЕЊЕ НА ДОЖД
11/03/2024 08:41:00 PM
0
Share to other apps