На првиот тест ден во Бахреин имавме прилично невообичаено студено време за една пустинска област, а при крајот на денот се појавија и неколку капки дожд. Во Барселона, каде обично се одржуваа зимските тест сесии, моментално е малку потопло.
Првите часови на тест сесиите се секогаш возбудливи за тимовите и фановите. Сите сакаме да ги видиме новите болиди во акција и дали нешто ќе се промени во односот на силите.
Регулативите речиси и не се сменија, па само неколку тимови направија посериозни зафати за да ги редизајнираат болидите, а повеќето работеа напорно во обид да се решат минатогодишните проблеми.
Немаше проблеми со издржливоста, што е нормално кога влегуваме во четврта година од овие правила, па веќе на првиот ден, речиси сите возачи комплетираа растојание над една цела трка, во Бахреин тоа се 57 круга.
Сите тимовите ја поделија тест програмата на двата свои возачи, т.е. сите дваесет беа на патеката уште на првиот ден.
Болидите се многу слични на минатогодишните, но Ферари направи радикални промени во дизајнот на предната амортизација и беа во центарот на вниманието. Секако за тоа допринесе и новиот тимски колега на Моначанецот, Луис Хамилтон.
Цунода и Алонсо имаа мали проблеми со сопирачките. Лосон имаше незгодно извртување и излетување во третиот свиок, Хаџар се изврте на излезот од четвртиот свиок, но без никакви последици за болидите.
Ако може да се каже така, Астон Мартин имаше најлош ден од сите, Алонсо извози најмалку наутро, а Строл изгуби многу време попладне.
На околу два часа до крајот на денот, се појавија црвените знамиња. Причината беше тоа што на патеката снема струја. Најблиската трафостаница откажа. Работеше само системот за итни случаи, механичарите во боксот почнаа да користат батериски ламби. Работеа само компјутерите и телевизиска опрема со автономно напојување.
Паузата се одолговлекуваше, па на патеката започна да се стемнува и беше опасно да се продолжи со тестирање. И покрај непријатното губење на драгоценото време, сите со насмевка го третираа настанот. Како надополнување, започна да врне лесен дожд.
Половина час подоцна светлата почнаа постепено да се палат, но на половина патека не работеа рефлекторите. Беше потребен уште половина час да проработи целосното осветлување, кога беше дадено зелено светло за продолжување на акцијата.
До крајот на сесијата остануваа уште 50 минути, но брзо беше решено сесијата да се продолжи за еден час како би се надокнадило изгубеното време.
Ландо Норис беше најбрзиот возач на првиот тест ден, со време забележано на нов сет на C3 пневматиците. Како што беше случајот во вториот дел од минатата сезона, гридот и денес изгледаше многу изедначено, а најбрзите шест возачи доаѓаат од шест различни тимови.
Најбрзото време на Норис од 1:30.430, беше за девет десетинки побрзо од најдоброто време поставено на првиот ден од овој тест во 2024 година од Макс Ферстапен, 1:31.344.
Четирикратниот шампион беше трет најбрз, зад Џорџ Расел кој со болидот на Мерцедес АМГ беше најблиску до Мекларенот. Двете времиња беа поставени на C3 смешата.
Зад ова трио следуваат двајца возачи кои беа тимски колеги во минатата сезона, Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. Моначанецот со Ферари беше четврти, додека Шпанецот, сега со болидот на Вилијамс, беше петти. Топ 6 пласманот го заокружи Пјер Гасли со болидот на Алпин.
Денес, возачот кој извозе најмногу, 88, кругови беше Французинот Естебан Окон со болидот на Хас. Најдолгиот стинт го имаше, Џек Дуан, со 24 круга на C2 смешата. Најдолгиот стинт на C3, 23 круга, го имаше Јапонецот Јуки Цунода со болидот на Рејсинг Булс. На C1 најдолг стинт имаше Ландо Норис со 17 круга.
И покрај тоа што сите не работеа на на исти тест програми резултатите беа неверојатно блиски.
Ферари беше единствениот тим што не користеше аеро боја на својот болид, која се употребува да се провери точноста на податоците од симулаторите. Ова е делумно изненадувачки, ако се земе предвид дека имаат целосно нова предна амортизација, која што има силно влијание врз протокот на воздух.
Дали тоа значи дека инженерите на Ферари веднаш ја пронашле очекуваната корелација меѓу виртуелните податоци и првично собраните од сензорската решетка која ја монтираа на болидот.
Нешто што, доколку се потврди како точно, би укажало дека алатките со кои располагаат инженерите предводени од Лоик Сера се прецизни и доверливи. Во секој случај, мора да напоменеме дека вака од страна не е возможно да се дојде до прецизни заклучоци само по еден тест ден на патеката Сакир.
Меѓу најдобрите тимови, Ред Бул и Мекларен беа најобемни во користењето на аеро бојата. На RB21, фокусот се однесуваше на предната оска. На MCL39, фокусот беше на нивното задно крило, за при крај на сесијата да го испрскаат речиси целиот болид.
Денес видовме деби на флексибилните предни крила за Астон Мартин и Ред Бул.
Тимовите од Силверстоун и Милтон Кејнс се приклучуваат на овој тренд за кој толку многу се зборуваше во 2024 година, но повеќето тимови сега веќе започнаа да работат на дизајн на нови предни крила, бидејќи ФИА се реши да ги зајакне тестовите, непосредно пред почетокот на сезонава.
Тест сесијата ќе продолжи утре. Учество ќе земат сите десет тима, но секој од нив може да користи само еден болид, па затоа возачите работат наизменично.
Денот започнува во 10:00 часот по локално време, 08:00 по македонско. Претпладневната сесија трае четири часа, од 08:00 до 12:00 часот, потоа имаме еден час пауза за ручек и прес-конференции, а попладневниот дел започнува од 13:00 до 17:00 часот.
ДАЛИ МЕКЛАРЕН Е ТИМОТ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПОБЕДИ
2/26/2025 08:56:00 PM
0
Share to other apps