Во Бахреин денес започна претсезонската тест сесија и ќе трае само три дена. Многумина не се задоволни од ова, но времетраењето на тестовите е договорено од тимовите во рамките на финансиските регулативи.
Во тестовите учествуваат сите десет тима, секој може да користи само еден болид, на кој возачите ќе работат наизменично. Секој ден, денот започнува во 10:00 часот по локално време, 08:00 по македонско.
Претпладневната сесија ќе трае четири часа, од 08:00 до 12:00 часот, потоа ќе имаме еден час пауза за ручек и прес-конференции, а попладневниот дел започнува од 13:00 до 17:00 часот.
Првите часови на тест сесиите се секогаш возбудливи за тимовите и фановите. Сите сакаме да ги видиме новите болиди во акција и дали нешто ќе се промени во односот на силите.
Регулативите речиси и не се сменија, со оглед на финансиските ограничувања, многу малку тимови решија сериозно да ги редизајнираат болидите, но лидерите завршија сериозна работа.
Во првиот час, тимовите традиционално работеа со аеродинамичните сензори, возејќи кругови со фиксна брзина за да ја проценат корелацијата на податоците, споредувајќи ги резултатите на патеката со добиените во тимските симулатори и CFD програми.
Претпладневната сесија помина без поголеми проблеми, само Лиам Лосон со болидот на Ред Бул имаше одредени проблеми со пролизгување и извртување на патеката. Помалку проблеми од овој тип имаше и Луис Хамилтон со болидот на Ферари. За двајцата ова е прва официјална сесија во нов тим и болид.
Заубер, како што кажавме не вложува премногу во својот болид, па тие беа единствениот тим кои имаа одредени технички проблеми.
Се уште никој не работи на брзина, но резултатите се далеку подобри од минатогодишните, а поминатото растојание е задоволувачко за сите тимови.
Андреа Кими Антонели беше најбрзиот возач на утринската сесија, на која видовме деби на флексибилните предни крила за Астон Мартин и Ред Бул.
Тимовите од Силверстоун и Милтон Кејнс се приклучуваат на овој тренд за кој толку многу се зборуваше во 2024 година, но веќе започнаа да работат на дизајн на нови предни крила, бидејќи ФИА се реши да ги зајакне тестовите,непосредно пред почетокот на сезонава.
Петта година по ред, Бахреин е домаќин на претсезонски тестирања, а овој пат беше постудено и поветровито од вообичаеното во овој дел од планетата. Сесијата продолжува по еден час пауза со промена на сите возачи!
КИМИ И МЕРЦЕДЕС АМГ НАЈБРЗИ НА ОТВАРАЊЕТО НА НОВАТА Ф1 СЕЗОНА
2/26/2025 12:13:00 PM
0
Share to other apps