Карлос Саинц Јр. стана нов директор на Асоцијацијата на Гран При Возачи, GPDA, која ги застапува интересите на Формула 1 возачите. Првично беше основана во 1961 година, пред да биде обновена во 1994 година по трагичната смрт на Аиртон Сена и Роланд Раценбергер.
Историски гледано, здружението се фокусираше на безбедносните прашања, но откако Алекс Вурц, поранешен Ф1 возач, стана нејзин претседател во 2014 година, опсегот на прашања што ги опфати GDPA стана поширок.
Управниот одбор на здружението се состои од четири лица: Вурц ја извршува функцијата претседател, а има тројца директори, адвокатката Анастасија Фаул, Џорџ Расел и сега Карлос Саинц Јр. на местото од Себастијан Ветел.
Карлос Саинц Јр.: "Овој спорт е мојата страст и мислам дека возачите имаат одговорност да работат заедно со акционерите на Формула 1 за да помогнат во развојот на секој можен начин. Затоа сум многу задоволен и горд што можам да придонесам во мојата улога како директор на GPDA."
Да се биде директор на оваа асоцијација е еден вид јавна одговорност, а Саинц Јр. ја презеде во многу интересно време, кога противречностите меѓу возачите и претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулејем се повеќе се засилуваат.
Неодамна, контроверзии предизвика новиот, многу строг пристап на федерацијата кон проблемот со пцовките искажани преку тимските радија, бидејќи сега возачите не само што можат да бидат казнети, туку и суспендирани од учество на трки.
Минатата есен, GPDA испрати отворено писмо до Бин Сулејем, кое ги содржи следните зборови: "Го повикуваме претседателот на ФИА да внимава и на сопствениот тон и јазик кога зборува со возачите, јавно или приватно. Возачите се возрасни и не треба да им се даваат упатства преку медиумите за такви тривијални работи како носење накит или долна облека…"
Возачите, се разбира, не добија разбирање од претседателот на федерацијата, напротив тој ги советуваше да се грижат за својата работа.
Саинц Јр. неодамна проговори и за проблемот со пцовките. Од една страна, тој се согласува дека возачите треба да бидат пример за другите кога учествуваат на официјални прес-конференции, од друга, не треба да им се забранува да изразуваат емоции кога се на патека, кога емоциите се големи, кога се наоѓаат под огромен притисок, а адреналинот е на високо ниво."
КАРЛОС САИНЦ ЈР. НОВ GPDA ДИРЕКТОР
2/23/2025 05:45:00 PM
0
Share to other apps