Најновиот 2025 болид на тимот од Милтон Кејнс со ознака RB21 беше презентиран преку објава на повеќе фотографии, направени во Технолошкиот кампус на Ред Бул од страна на познатиот Ф1 фотограф Владимир Рјус.
RB21 претставува еволуција на шампионската генерација болиди на Ред Бул. RB18 и RB19 донесоа шампионски титули кај конструктори и возачи, додека RB20 му ја донесе четвртата последователна титула на Макс Ферстапен во 2024 година.
Ред Бул беше тимот кој јасно доминираше во оваа ера на болиди со "ground" ефект, но минатата сезона Мекларен им ја зеде титулата во конструктори.
Влегуваме во последната година на тековните правила и, како што се очекуваше, Ред Бул се одлучи за еволуција наместо за револуција.
За денес, по прв пат, е планирано излегување на RB21 на патеката во Бахреин, со Макс и Лиам Лосон зад воланот. Тимот го искористи првиот филмски ден, непосредно пред почетокот на единствената претсезонска тест сесијата за 2025 година.
Макс беше прв зад воланот на RB21, во ветровитото утро во Бахреин. Потоа на ред беше Лиам Лосон. Тимските колеги поминаа 198.6 километри, пред да ја напуштат гаражата на Ред Бул и ја дадат својата оценка.
Макс Ферстапен изјави: "Добро е што се враќаме во акција, на овој филмски ден пред стартот на претсезонската тест сесија. Навистина е убаво да се вратиме на возењето и по прв пат да го испробаме RB21."
"Комплетиравме неколку круга, но денес беше ден за запознавање со болидот, да видиме дали се фунционира добро, а потоа ќе дознаеме нешто повеќе за неговите можности во текот на следните неколку дена."
"Знаеме кои беа минатогодишните ограничувања, па затоа е важно да го процениме темпото во следните неколку дена и да видиме дали сме се подобриле. Немаме многу време пред првата трка, така што, за време на тест сесијата се надеваме дека ќе извозиме многу километража за да разбереме каде можеме да најдеме подобрување."
"Во моментов немам цели за сезоната бидејќи не знаеме колку сме конкурентни, но со нетрпение очекувам да се вратам на трките, особено возењето во СПА и Зандворт, кои се моите омилени патеки во календарот."
Лиам Лосон, вели: "Првите впечатоци се добри, секогаш е возбудливо да се влезе во болидот за прв пат. Никогаш не сум започнал цела сезона во Формула 1, така што подготовките и деновите како овој филмски ден ми се новост."
"Исто така, учиме и за новиотболид и досега RB21 се чувствува добро. Следните неколку тест денови ќе бидат особено корисни. Со нетрпение очекувам се тркам, да имам целосна претсезона со тим и да учам на ова патување."
"Ова не е нов тим за мене, а јас веќе сум запознат со голем број на луѓето и многу сум возбуден што работам со толку талентирана група. Мојата цел, едноставно, е да бидам брз и да бидам таму каде што му треба на тимот."
"Целта е да ја вратиме титулата во конструктори и ако можеме да го постигнеме тоа, тогаш тоа значи дека добро сум ја одработил мојата улога. Колективно сите наши цели се исти, а тоа е да бидеме напред колку што можеме."
Кристијан Хорнер, тимскиот шеф на Ред Бул, вели дека за прв пат по подолго време, тие нема да одат на воведната трка во Австралија како фаворити.
Британецот, како и повеќето Македонски Ф1 фанови, таа етикета, која обично е синоним за дополнителен притисок, им ја даваат на Ландо Норис и Мекларен.
Сите прогнози се дека 2025 Ф1 сезоната треба да биде една од најинтересните во последно време. Се очекува широк спектар на победници, со многу мали разлики меѓу сите тимови и многу возбудувања од првата до последната трка.
Но, каква и да е сезоната, секогаш мора да има фаворит, а за Хорнер тоа е Норис, возачот кој победи на последната трка во Абу Даби пред речиси три месеци.
"Понекогаш е убаво да не сте фаворити. Тоа создава дополнителен притисок и јас би бил многу среќен да го видам Ландо да влезе во првата трка како фаворит, но тоа не значи многу додека не сме на патеката. Дури и кога сме, Алберт Парк е прилично уникатна патека."
"Потребни се неколку викенди за да добиеме јасна претстава за перформансите и поредокот на тимовите. Секогаш, деградацијата на гумите ќе биде многу значаен фактор. Во Кина имаме нов асфалт. Има многу работи што можат да се променат, а сезоната е многу долга, па мора да видиме како сè ќе се одвива."
Што се однесува до возачката двојка на Ред Бул, тој уверува дека на Лиам Лосон не му е забрането да заврши пред Макс Ферстапен, иако е многу малку веројатно дека такво нешто би можело редовно да се случува оваа година.
Актуелниот шампион ќе ја започне сезоната како лидер на тимот, но неговиот нов тимски колега може слободно да се бори против него.
"Работата на Лиам е прилично јасна. Тој е таму да се обиде да му помогне на тимот што е можно повеќе. Нема притисок да излезе и веднаш да победи четирикратен шампион."
"Ако го победи, фантастично, нема да има наредба дека не може да го стори тоа, но и нема да има потреба од таков притисок. Тој веќе неколку години е дел од тимот и она што не импресионираше е неговата ментална сила."
РЕД БУЛ RB21: ЕВОЛУЦИЈА ОД НЕКОЛКУ ШАМПИОНСКИ БОЛИДИ
2/14/2025 03:28:00 PM
0
Share to other apps