Денес, тимот на Мерцедес АМГ го презентираше својот најнов болид за 2025 година, со ознака W16, пред неговото деби на патеката утре во Бахреин.
W16 се надоврзува на научените лекции од неговиот претходник, со значителни промени вградени пред последната сезона на овој сет на регулативи.
Новата постава на возачи, дипломци од младинската програмата, Џорџ Расел и Кими Антонели го води тимот во неговото следно поглавје.
Беа објавени неколку дигитални рендери од новиот болид, додека дополнителни инфомации и фотографии ќе бидат достапни по утрешниот филмски ден.
Нова сезона. Нов болид. Нова возачка постава. Следното поглавје.
"Отвораме возбудлива нова ера во приказната за нашиот тим и моторспортот во 2025 година. Ние растеме врз основа на нашето неверојатно наследство и едвај чекаме да се тркаме повторно", вели Тото Волф, ко-сопственик, извршен директор и тимски шеф на Мерцедес АМГ. "Сите во тимот, во Бракли и Бриксворт, работеа напорно во текот на зимата. Минатата сезона беше неверојатно конкурентна на патеката и, иако имавме неколку победи, сите сме фокусирани на предизвикот за да победуваме уште повеќе и поконстантно."
"Имавме подобрувања во зимската пауза, но ќе знаеме каде се наоѓаме на гридот кога ќе продолжи вистинската акција на првата трка во Австралија. Имаме возбудлива возачка постава која ни помага да ги постигнеме нашите цели."
"Двајцата возачи напредуваа низ нашата јуниорска програма и тоа е оправдување на нашата посветеност да поддржуваме и да развиваме таленти. Џорџ докажа дека е еден од најдобрите возачи на гридот, способен да се натпреварува за шампионската титула, ако можеме да му дадеме болид способен за тоа."
"Како постар возач, тој ќе помогне да го води тимот напред и да го поддржи Кими во неговиот развој. Кими ги има сите потребни таленти за да постигне големи работи во овој мотоспорт, но ова е дебитантска сезона и неизбежно ќе има подеми и падови. Се радуваме на тоа патување заедно и ќе му помогнеме да се развие во текот на годината."
Нова возачка постава
"Се чувствувам како минатата година да ми беше најсилна во Ф1", вели Џорџ Расел. "Претстојна сезона ќе биде моја седма во спортот и четврта со тимот на Мерцедес АМГ, и напорно работам да се подобрувам од година во година."
"Како тим, неверојатно сме мотивирани да се подобриме во однос на минатата сезона. Има голема енергија во Бракли и Бриксворт, па јас сум желен да излезам на патеката."
"Исто така, возбудливо е да се има нов тимски колега за оваа година. Кими е неверојатно брз и мислам дека ќе имаме одлично партнерство. Нормално, има многу што да научи во првата сезона, но со нетрпение очекувам да му помогнам и да работиме заедно за напредок на тимот."
Кими брзо напредуваше низ помладите категории. Влегува во Формула 1 со само 18 години, но неговата младост не го спречи да импресионира во пониските шампионати, со титули во Ф4, Регионалната Формула и победи на Ф2 трки во минатата година.
"Возбуден сум што ќе дебитирам во Ф1...", вели Италијанецот. "Ова е одлична можност, и јас сум многу благодарен на сите во Мерцедес АМГ за вербата и довербата што ми ја дадоа."
"Работев напорно во текот на зимата за да бидам подготвен колку што е можно повеќе и сега, едвај чекам да започнам. Мојот фокус е да продолжам да учам, да бидам доследен и да ја правам најдобрата работа што можам за тимот."
"Со нетрпение очекувам да работам со Џорџ и прекрасно е што ќе ја имам поддршката од некој што ја поминал и јуниорската програма. Тој е неверојатно силен возач и мислам дека ќе бидеме одлично дуо."
Трет возач е Валтери Ботас, а улогата на резервен возач ја има Фред Вести. 10-кратниот Ф1 победник, Валтери се враќа во тимот откако беше дел од петте шампионски години за сребрените стрели од 2017 до 2021 година, додека Фред ја продолжува својата улога од минатата година.
Валтери Ботас: "Не би можел да бидам посреќен што се вратив со Мерцедес АМГ. Се чувствувам како да сум дома. Беше одлично што ги видов поранешните колеги и со нетрпение очекувам да му помогнам на тимот и на патеката и надвор од неа. Како трет возач, ќе бидам на секоја трка обезбедувајќи поддршка и дополнителни погледи."
Фред Вести: "Одлично е што ќе поминам уште една година како резервен возач. Јас веќе неколку години сум дел од тимот на Мерцедес АМГ и тоа е мое семејство. Со нетрпение очекувам да работам со Џорџ, Кими, Валтери и поширокиот тим за да помогнам во развојот на болидот и да го туркам тимот напред."
Шасија и Погонска Единица
2025 година ја означува четвртата сезона од сегашните регулативи за шасијата и 12-та од постојните регулативи за погонската единица. За 2026 година, на хоризонтот свети нова можност.
"Болидите се во позрела фаза, бидејќи сме во четврта година од тековните регулативи. Потешко е да се дојде до големи придобивки, но ние се концентриравме на подобрувања во областите што не кочеа минатата година", објаснува техничкиот директор Џејмс Алисон.
"Нашиот примарен фокус беше да го подобриме однесувањето на W15 во бавните свиоци, заедно со дисбалансот во температурите на гумите што го направи болидот неконзистентен од сесија до сесија."
Тоа доведе до промени на секоја аеродинамична површина, нова предна амортизација и дополнителни промени под шасијата на W16 за да се отстранат некои од незгодните карактеристики на неговиот претходник.
Џејмс додава: "Задоволни сме од нашиот напредок во текот на зимата и со нетрпение очекуваме да откриеме каде сме во однос на другите тимови."
Развојот на погонската единица во меѓувреме останува замрзнат, но тоа не значи дека работата запира, како што објаснува шефот на одделот за ПЕ, Хајвел Томас: "Работевме на издржливоста и имаме одредени надградби на калибрацијата, за да ги исцедиме и последните капки на перформанси за оваа сезона."
"Со големото ресетирање на регулативите за следната година, 2025 година делува како лебедова песна за сегашната генерација на погонски единици. Тоа дефинитивно е крај на една ера."
"Успехот што го постигнавме од 2014 година беше возможен само преку напорна работа на огромна група талентирани луѓе. Ве прави горди што сте биле дел од тој тим. Би сакале да ставиме крај на едно такво неверојатно поглавје со зголемување на нашиот успех како фабрички тим на Мерцедес, и сите се фокусирани на тоа."
Големината на промената на правилата за 2026 година значи дека, во Бриксворт веќе неколку години, работата на следната генерација на погонски единица е во тек. Додека во Бракли, тимот сега е слободен да започне да работи на развој на болидот за следната година. Тоа значи дека 2025 година ќе биде добра година за балансирање.
"Тоа е една од најголемите промени во регулативата во историјата на спортот", вели Џејмс Алисон. "Секој тим мора да одлучи каде да ги потроши своите ресурси, дали за да се натпреварува оваа година, дали да работи на 2026 година и понатаму."
"Возбудени сме поради тој предизвик и во Бракли и Бриксворт работиме за да бидеме конкурентни колку што можеме оваа година и да изградиме основа за успех за следната година."
Хајвел Томас додава: "Промената на регулативата во 2026 година е голем предизвик, но во кој уживаме. Тоа е возбудлива еволуција, особено работата на одржливи горива. Нашето партнерство со PETRONAS и нивната експертиза се клучни за таа област. Тоа е огромен проект и ние работиме напорно за да ја максимизираме можноста пред нас."
Очекувања
"Ова ќе биде многу конкурентна сезона", заклучува Тото Волф. "Минатата година видовме колку е блиску гридот. Не можеше да се каже кој ќе биде на врвот, од трка до трка, а очекувам борбата оваа година да биде уште поблиска. Ќе мораме да се претставиме во најдобро светло ако сакаме да атакуваме на шампионските титули."
"Ова ќе биде жестока и борбена година од самиот почеток", повторува Џејмс Алисон. "Во оваа фаза од регулативите, болидите се приближуваат во однос на перформансите. Ќе има повеќекратни победници, а можно е да видиме уште повеќе тимови од четирите што забележаа победи минатата година, да се искачат на највисокото скалило на подиумот."
"Со оглед на тоа каде се наоѓаме во овој сет на регулативи, добивките во времињата се мали", продолжува Хајвел Томас. "Сè уште има можност да се најдат мали делчиња и тоа може да биде разликата во сабота и недела."
"Можеше да се види минатата година, особено во квалификациите, колку блиску беа некои од тимовите. Да се најдат тие 10 или 20 милисекунди е клучно, тоа може да биде разликата помеѓу пол позиција или вториот или третиот ред. Ќе продолжиме да ги бркаме тие победи и да се бориме за шампионската титула."
МЕРЦЕДЕС АМГ W16: КРАЈ НА ЕДНА ЕРА, ПОЧЕТОК НА НОВО ПОГЛАВЈЕ
2/14/2025 03:21:00 PM
0
Share to other apps