Зимските месеци од 2025 година беа исполнети со настани за Ферари. На крајот на јануари, Луис Хамилтон пристигна во базата во Маранело, откако работеше заедно со Чарлс Леклер во симулаторот и зад воланот на SF-23 во Фиорано.
Потоа имаше уште два тест дена во рамките на развојната програма на Пирели и презентација на новиот SF-25 што се протегаше во текот на два дена.
Новиот 2025 "дрес" и возачите беа прикажани на заедничката презентација во Лондон, а следниот ден Чарлс Леклер и Луис Хамилтон го возеа SF-25 на патеката во Фиорано како дел од двата дозволени филмски дена за секој тим.
Тестовите беа затворени за јавноста, но ништо не можеше да ги спречи тифозите за да го видат најновиот адут на Ферари во акција. Дури, настрадаа и неколку дрва покрај оградата за што подобар поглед на својот миленик.
Преселбата на Луис Хамилтон предизвика уште поголема еуфорија од вообичаената за најпопуларниот тим кај нас и во светот.
Ферари има најголеми очекувања за претстојната сезона, последна според сегашните прописи, но до крајот на предсезонската тест сесија и проценката на односот на силите, тимот реши да се ограничи на општи фрази.
Именувањето на болидот, SF-25 го следи моделот од изминатите две години и ја нагласува стабилноста на прописите. Тоа е 71-от Ф1 болид дизајниран од Ферари, четврти од втората генерација на болиди со граунд ефект претставена во 2022 година.
Сепак, тој е целосно нов болид, кој користи различни технички решенија од оние усвоени во минатото. Највидливата промена иницирана од тимот предводен од Лоик Сера е без сомнение дека е направена на предната амортизација која се префрла од Push-rod на Pull-rod.
Размислувањето зад оваа промена беше да се исчисти протокот на воздух околу болидот, а истовремено да се даде поголем простор за понатамошен развој на аеродинамиката, кој беше прилично исцрпен со претходната итерација.
Болидот е еволуција од секој аспект во споредба со минатогодишниот, кој обезбеди добра почетна точка.
Дизајниран е со цел да го максимизира развојниот потенцијал на болидот, во сезона кога, благодарение на долгата стабилност на регулативите сега во последната година, може да се очекува гридот да биде исклучително рамномерно усогласен, а разлика од само илјадити делови од секундата може да направи разлика.
Со оглед на тоа што развојот на погонската единица и нејзиниот дизајн се замрзнати од 2022 година, на ова поле нема технички иновации, туку само зголемување на нејзината издржливост.
Фокусот беше насочен кон понатамошна оптимизација на мапирањерто во обид да се приспособи за да одговара на секоја ситуација и да го извлече максималниот потенцијал од дадените перформанси.
Зголемувањето на издржливоста е бесконечна работа, а во текот на зимата, и покрај дополнителното намалување на дозволените часови за работа, се работеше на анализа и преглед на секој процес и научените лекции од 2024 година.
Обојување. Како што беше видливо во Лондон, дизајнот на обојувањето значително се промени, а според Ферари тоа претставува совршен спој на минатото, сегашноста и иднината, со декларација за стил, моќ и традиција.
Потемната нијанса на црвената боја за 2025 година со својот мат финиш, евоцира децении на трки, земајќи ја својата инспирација од интензивните тонови на раните денови на тимот, со закосена бела лента која што прва паѓа во очи, а таа симболизира визија што гледа кон иднината.
Меѓу главните области се деталите што ја балансираат традицијата со модерноста, со суптилни тенки, сјајно црвени и бели риги кои потсетуваат на кројачките детали кои се значајни во дизајнирањето на облеката и автомобилите што Ферари ги произведува секој ден.
Контрастот помеѓу белото и црвеното е почит на историјата и идентитетот на брендот, како и на континуираната еволуција на стилот на Ферари, манифест за префинет спортски стил и безвременска естетика.
Сјајните детали на каросеријата се во контраст со мат деталите на сјајниот финиш на хиперавтомобилот 499, кој се натпреварува во шампионат во издржливост, WEC, нагласувајќи ја ДНК-та на Маранело што ја споделуваат овие две возила, кои се натпреваруваат во двата најважни мотоспорт шампионати.
Бандажите на тркалата се целосно црвени, додека бројките на болидите на Чарлс и Луис се бели, со официјалниот фонт на Ферари, Ферари Санс.
По филмскиот ден во Фиорано, SF-25 се упати кон Бахреин за единствената претсезонска тест сесија, пред почетокот на сезоната во Австралија на 16 Март.
Фред Васер, тимски шеф на Ферари: "Презентацијата на овој нов болид е многу возбудлив и горд момент за сите во тимот. Месеци на напорна работа влегоа во овој SF-25 благодарение на упорноста на сите во тимот во Маранело и ние сме возбудени што ќе го видиме плодот на нашиот труд во вистинска акција на патеката."
"Минатата сезона се боревме за титулата кај конструкторите до последниот свиок и сега сме решени да го надградиме тоа, почнувајќи од таа цврста основа со цел да ги освоиме двете титули."
"Имаме нова возачка постава со Луис кој му се придружува на Чарлс и се чувствуваме подготвени како тим да го направиме дополнителниот чекор потребен за да бидеме најдобри."
"Свесни сме за предизвиците што не очекуваат, но подготвени сме да дадеме се од себе, да бидеме конкурентни на највисоко ниво, знаејќи дека можеме да се потпреме и на поддршката и ентузијазмот на нашите фанови, кои секогаш не инспирираат. Сега е време да се концентрираме на работата и да оставиме патеката да зборува. Едвај чекам да започне оваа сезона."
Лоик Сера, технички директор, шасија: "SF-25 е еволуција на SF-24, кој ни даде одлична почетна точка за работа. Имајќи го тоа во предвид, работевме напорно, менувајќи 99% од болидот, развивајќи го за да ги максимизираме перформансите."
"Предната pull-rod амортизација е најочигледната од многуте значајни промени. Можеме да очекуваме дека претстојната сезона ќе биде со многу блиска борба, при која може да решаваат илјадити делови од секундата."
"Сите сме подготвени да го дадеме најдоброто од себе за да ги најдеме оние придобивки, дури и оние маргиналните, кои можат да ја направат разликата. Со нетрпение очекуваме да бидеме конкурентни уште од првата трка."
Енрико Гуалтиери, технички директор, ПE: "Овој момент е кулминација на напорна работа и решителност и ние сме големи ентузијасти за претстојната сезона. Погонската единица за 2025 година е развиена во контекст на регулативите кои се замрзнати од 2022 година, но ние останавме целосно посветени како и секогаш да го извлечеме максимумот од секоја нејзина компонента."
"Работевме напорно на сите контролни стратегии и процедури за да се осигураме дека секоја компонента може да функционира на секоја патека и трка. Издржливоста останува врвен приоритет и продолживме да се фокусираме на подготовка, квалитет и конзистентност за да можеме да настапиме на највисоко ниво на патеката. Уверени сме дека SF-25 ќе ни овозможи да ги постигнеме нашите цели."
Чарлс Леклер, #16: "Навистина сум возбуден поради презентацијата на SF-25. Секоја година напорно работиме да се подобриме и целиот тим работи посветено со месеци. Минатата сезона имаше навистина тесна борба и бевме многу блиску до освојување на титулата."
"Оваа година нашата цел е јасна: сакаме да го освоиме шампионатот за конструктори и моја лична цел е да ја освојам титулата кај возачите. Откако Луис се приклучи на тимот, веќе соработуваме добро и верувам дека неговото искуство и пристап ќе се покажат како извор на инспирација за мене."
"Физички и психички сум повеќе од подготвен да се соочам со оваа нова сезона и едвај чекам да започне вистинската акција, за да направам се што можам за да го вратам Ферари на врвот."
Луис Хамилтон, #44: "Моите први недели во тимот беа апсолутно неверојатни и од прва рака ја видов страста и посветеноста на целиот тим, така што денешната презентација на мојот прв Ферари болид е навистина возбудлив настан."
"Толку многу напорна работа е вложена во подготовките за сезоната што следи и не би можеле да бидеме помотивирани и решени да успееме. Дојдов во годината со толку многу очекувањеа за ова ново поглавје од мојата кариера, па сега сум уште помотивиран од духот и вербата на сите што ги запознав во текот на изминатиот месец."
"Едвај чекам да излезам на вистинската патека, со Чарлс, да се мотивираме еден со друг кон врвот и да направиме се што можеме за да го однесеме Ферари на шампионското скалило."
ФЕРАРИ SF-25: ЕВОЛУЦИЈА ДИЗАЈНИРАНА ДА ГО МАКСИМИЗИРА РАЗВОЈНИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ
2/14/2025 03:37:00 PM
0
Share to other apps