Веднаш по трката за Големата Награда на Унгарија, на патеката Хунгароринг започна дводневна тест сесија на Пирели, фокусирана на развој на гумите за 2026 година.
Првиот ден во акцијата учествуваа тимовите на Мекларен, Рејсинг Булс и Алпин, со амбиентални температури помеѓу 21°C и 31°C и температури на патеката помеѓу 29°C и 56°C.
Дневната програма се фокусираше на споредба на различни прототипови на гуми произведени од смешите C3, C4 и C5.
Наутро, возачите имаа квалификациски симулации, за да го проверат нивото на перформанси на секоја од нив, пред попладнето да преминат на подолги стинтови, за да го набљудуваат нивното однесување на подолги растојанија.
2026 пневматиците го задржуваат дијаметарот од 18 инчи, но се 25мм потесни напред и 30 мм позади.
Болидите на Мекларен и Алпин беа базирани на нивниот модел од 2023 година, додека Рејсинг Булс користеа еден од минатата сезона.
За Мекларен возеше Ландо Норис, во болидот на Рејсинг Булс беше Лиам Лосон, додека Пол Арон беше зад воланот на Алпин.
Што се однесува до времињата, Пол Арон беше најбрз со 1:18.789, по што следеа Ландо Норис 1:19.272 и Лиам Лосон со 1:19.510, комплетирајќи 159, 144 и 143 круга соодветно.
На вториот и последен ден од развојната тест сесија настапија тимовите на Алпин и Ферари со модифицирани болиди од оваа 2025 сезона.
Повторно имавме топло време со температури на воздухот помеѓу 21 и 29°C, температури на патеката од 31 до 53°C и слична програма за тестирање како првиот ден.
За жал, програмата беше само делумно завршена бидејќи тимот на Алпин беше принуден да го прекине тестот кога Колапинто излета од патеката во првиот дел од утринската сесија.
Болидот претрпе штета, што значеше дека не можеше да се врати на патеката до крајот на сесијата. До тој момент, аргентинскиот возач имаше комплетирано 25 круга, со најбрзо време од 1:20.270.
Спротивно на тоа, Леклер успеа целосно да ја заврши планираната тест програма, завршувајќи го денот со вкупно 144 круга и најбрзо време од 1:19.407.
Марио Изола, Пирели: "Имавме два корисни тест дена за постигнување напредок во развојот на нашите смеши за следната сезона. Хунгароринг е тешка патека поради многуте бавни свиоци и количината на енергија што поминува низ пневматиците."
"Ова го прави предизвикувачко место за тестирање на гуми, особено за смешите што ќе бидат централни за гамата за 2026 година, која ќе се движи од C1 до C6 како оваа година."
"Сега имаме уште три тест сесии, во Монца, Муџело и Мексико Сити, за да го заклучиме развојот на смешите, чија хомологација треба да се изврши на 15 декември."
ХУНГАРОРИНГ - ТЕСТ СЕСИЈА НА ПИРЕЛИ
8/14/2025 11:59:00 AM
0
Share to other apps