Кадилак е деветтиот тим кој го презентираше својот дрес за новата сезона, а нивната презентација помина незабележано, барем за нас.
Единствен тим кој нема медија сајт каде што може да се добијат подетални информации за болидот и тимот. Се уште не знаеме која ознака ја носи!
Тимот се одлучи за впечатлива реклама за време на Супербоул натпреварот, и според нив тоа беше глобална презентација која го нагласува карактерот и амбицијата на проектот.
Која глобална презентација?!? Никој во останатиот дел од светот не го интересира супербоул глупостите!
Но, овој пристап е во голема мера во согласност со американската ДНК и со стратегијата на Формула 1 за зајакнување на своето присуство во Соединетите Американски Држави.
Дресот на Кадилак се одликува со двобоен дизајн, бел од едната страна и црн од другата и впечатливо асиметрично обојување, како намерна дизајнерска филозофија: јин-јанг рамнотежа изразена преку црно-бело, каде што решителноста и перформансите се среќаваат со аспирацијата, оптимизмот и амбицијата.
"Овој дизајн претставува многу повеќе од шема на бои, тој претставува кои сме ние и што донесуваме во Формула 1. Секој детаљ е намерен: смел, модерен и несомнено американски, почитувајќи го наследството и прецизноста што го дефинираат овој спорт."
"Одлуката да го откриеме нашиот прв тркачки дрес за време на Супербоул и во срцето на Тајмс Сквер е начин да го претставиме нашиот идентитет на светот на раскрсницата на перформансите, културата и забавата, и да се поврземе со фановите на места далеку од падокот", објасни Ден Таурис, извршен директор на Кадилак Ф1.
"Презентацијата на нашите официјални тркачки бои е значајна пресвртница во патувањето што започна пред многу години: заработување на нашето место на стартниот грид, градење тим од светска класа и развој на тркачки болид достоен за Формула 1."
"Моментумот се зголемува додека се упатуваме кон Мелбурн и нашето деби во Формула 1 шампионатот. За GM, овој тркачки болид ја отелотворува американската иновација, дух и гордост што сакаме да ги донесеме на глобалната сцена на Ф1", додаде претседателот на GM, Марк Ројс.
"Неверојатно сум горд што можам да го откријам изгледот на нашиот Ф1 болид за 2026 година. Ние сме тим изграден врз смела амбиција и иновативно лидерство, вредности што ги демонстриравме денес со искористување на еден од најкултурно значајните спортски настани во светот на начин на кој ниеден тим од Формула 1 досега не го направил", додаде Греам Лоудон, тимскиот шеф на Кадилак.
По само неколку часа откако го претставија обојувањето на болидот, преку реклама за време на Супербоул, тимот веќе беше на патеката во Бахреин со болидот за оваа сезона.
Според прописите, американскиот тим комплетираше 200 километри, искористувајќи го вториот и последен филмски ден за оваа сезона.
КАДИЛАК ДЕБИТИРА ВО ФОРМУЛА 1 ШАМПИОНАТОТ
2/11/2026 10:56:00 PM
0
Share to other apps
















