Празничните денови се зад нас, што значи дека е време да ги сумираме резултатите од традиционалната годишна анкета за македонските Ф1 фанови со која ставаме крај на минатата и целосно внимание го насочуваме кон новата 2025 сезона.
ГОДИНИ, ИСКУСТВО, ОБРАЗОВАНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ Ф1 ФАН
Поголемиот дел од македонските Ф1 фанови се во опсегот од 30-50 години, додека млади т.е. нови фанови имаме се помалку и помалку за овој врвен мотоспорт, што секако е разочарувачки податок.
93.2% од учесниците во анкетата се мажи, 60% се со високо образование. Повеќе од половина од нашата публика, 50.1% го следат Формула 1 шампионатот повеќе од 21 година и се декларираат за ветерани, но според пристрасните коментари на нашата ФБ страница и останати наши чет групи, тоа не значи дека добро ги знаат и пред се разбираат случувањата во врвниот мотоспорт.
Повеќе детали за овие и сите останати анкетни прашања имате на страницата каде се сумирани резултати и се наоѓа на следниот ЛИНК.
КАКО БИ ЈА ОЦЕНИЛЕ МИНАТАТА СЕЗОНА?
2024 сезоната доби оцена 5 од повеќето Ф1 фанови, 45.8%, оцена која може да помине и според нас, за прв пат во историјата на Формула 1, шампионот кај возачите го имаше третиот најбрз болид во поголемиот дел од сезоната.
Плус, доминацијата на Ред Бул опадна и со тоа битката за победите стана понеизвесна, а тоа е она што го бараат вистинските Ф1 фанови, битка за победите.
36.1% од фановите сметаат дека гледавме многу добра (4) сезона во Формула 1, а само 1% мислат дека 2024 сезоната не може да добие преодна оценка.
Со оглед на бројноста на нашиот главен град, Скопје убедливо е на првото место по број на Ф1 фанови, а од 2022 година фановите од Прилеп го презедоа второто место од Битолчани, поредок кој важи и за оваа анкета.
На анкетата учествувале фанови од следните градови со застапеност ≤ 1% и тоа подредени по бројност би изгледало вака: Крушево, Ресен, Свети Николе, Берово, Неготино, Демир Капија, Валандово, Македонска Каменица, Дебар, Делчево, Дојран, Македонски Брод, Нов Дојран.
2.3% од македонските фановите кои не следат се наоѓаат надвор од Република Македонија.
ОМИЛЕН ВОЗАЧ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ Ф1 ФАНОВИ
Во оваа номинација беше понуден избор на сите возачи кои учествуваа во Ф1 шампионатот во изминатата сезона, така што резултатот во секој случај е целосен и реален одраз на македонските фанови.
Во 2020 година најголемиот дел од нив го подржаа успехот на Чарлс Леклер.
Во 2021 година, Макс Ферстапен беше на врвот на рангирањето по острата и неверојатна битка со Луис Хамилтон.
Во 2022 година, Моначанецот од Ферари се врати на првата позиција, пред Макс Ферстапен, додека Луис Хамилтон беше трет по популарност.
За 2023 и 2024 година нема промени на првите две места, Чарлс Леклер останува најомилен возач во Македонија, Макс Ферстапен е во близина, но во сенка на Ферари.
Фернандо Алонсо има верни фанови кои го задржаа на третото место, додека Луис Хамилтон на изненадување го претекна Ландо Норис на оваа табела и покрај добрите резултати со болидот на Мекларен и забележување на првата негова Ф1 победа.
Од останите возачи одреден рејтинг имаат Пјер Гасли, Нико Хулкенберг, 0.6%, Алекс Албон Валтери Ботас, 0.4%, Серџо Перез, Даниел Рикиардо 0.2%.
Најнепопуларни возачи без нити еден фан од Македонија се Естебан Окон, Џоу Гуанју, Ленс Строл, Џек Дуан, Кевин Магнусен, Лиам Лосон, Логан Сарџемт и Оливер Берман. 3.6% од анкетираните немаат омилен возач.
НАЈДОБАР ВОЗАЧ ЗА 2024 ГОДИНА
И во оваа номинација беше понуден избор на сите возачи кои учествуваа во Ф1 шампионатот во изминатата сезона.
Чарлс Леклер ја држи првата позиција како омилен возач на македонските Ф1 фанови со тоа што едноставно вози за Ферари, но Макс Ферстапен според голем процент на анкетираните фанови е останува убедливо најдобриот возач на гридот и за 2024 година. Сосема заслужено!
Од останите возачи одреден рејтинг имаат Естебан Окон и Франко Колапинто со 0.2% и Јуки Цунода, Алекс Албон и Валтери Ботас со 0.1%.
Без нити еден глас за подршка се: Серџо Перез, Ленс Строл, Кевин Магнусен, Даниел Рикиардо, Оливер Берман, Џоу Гуанју, Лиам Лосон, Логан Сарџент и Џек Дуан.
ОМИЛЕН ТИМ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ Ф1 ФАНОВИ
Во оваа категорија беа понудени сите тимови кои моментално учествуваат во шампионатот на Формула 1.
Секако, Ферари нема конкуренција во Република Македонија и цврсто го држи врвот и покрај долгиот период без освоена шампионска титула кај возачи, па нити во шампионатот на конструктори.
Ред Бул опстојува на второто место, сега пред тимот на Мерцедес АМГ кој го спушти тимот на Мекларен на 4-тото место по популарност и тоа во годината кога станаа шампиони. Чудно. Фановите на овој тим потфрлија или едноставно беа опиени од успехот и не гласале во доволен број на оваа анкета.
Заубер и РБ(име кое заминува во историја) се двата најнепопуларни тимови во Македонија.
3.5% од анкетираните немаат омилен тим.
НАЈДОБАР БОЛИД ЗА 2024 ГОДИНА
Огромно мнозинство од македонските Ф1 фанови се согласни дека тимот на Мекларен го имаше најдобриот болид за 2024 сезоната - MCL38.
НАЈУБАВ БОЛИД НА ГРИДОТ ВО 2024 ГОДИНА
Како и секоја сезона, 2024 болидот на Ферари, СФ-24, со убедливо мнозинство се најде на врвот на табелата.
Болидите на Ферари во земја на Ферари како нашата секогаш се првиот избор, но тоа е случај и во поголемиот дел од земјината топка.
НАЈДОБАР ТИМСКИ ШЕФ ВО 2024 ГОДИНА
Во оваа номинација беше понуден избор од сите тимски шефови кои беа дел од Ф1 шампионатот во изминатата сезона.
Во оваа категорија ја имавме најблиската битка помеѓу Андреа Стела и Фред Васер, која на крајот со минимална предност ја доби тимскиот шеф на Мекларен!
линк - ФОРМУЛА 1 - СИТЕ ПОВАЖНИ ДАТУМИ И ИНФОРМАЦИИ ЗА 2025 СЕЗОНАТА - линк
>
Ф1 ФАНОВИ ВО МАКЕДОНИЈА, ПРВ ДЕЛ
1/22/2025 01:44:00 AM
0
Share to other apps