Почетокот на времето на Луис Хамилтон во Ферари не беше како што очекуваше. Освен изненадувачката победа на спринтот во Кина, резултатите се разочарувачки, а италијанскиот печат веќе јасно става до знаење дека тој не ги оправда очекувањата.
Кога ќе споите седумкратен шампион со најуспешниот тим во историјата на Формула 1, очекувањата природно се зголемуваат. И уште повеќе кога на вториот тркачки викенд, во Кина, имаше изненадувачки спринт и успеа да победи со својот SF-25.
Но, тоа беше мала капка вода во огромна пустина. Речиси фатаморгана, може да се каже. Вистината е дека Луис Хамилтон, барем засега, е многу зад својот тимски колега, Чарлс Леклер, на почетокот на оваа сезона, и не е тајна дека страстите во Италија се на многу повисоко ниво. Така барем вели La Gazzetta dello Sport, еден од водечките италијански медиуми.
Весникот тврди дека "Луис Хамилтон и Ферари сè уште не се согласуваат", а исто така нагласува дека возачот од Стивенејџ се чини дека е "во ќорсокак".
Но, најболниот дел гласи: "Победата на спринтот во Кина останува единствениот белег на стартот што беше далеку од очекувањата.", забележуваат тие за лошиот почеток на сезоната на Хамилтон.
Бројките не лажат. Луис е далеку зад Леклер, и во квалификациите и во трката. Тоа особено се виде на трката во Саудиска Арабија, каде Британецот заврши повеќе од половина минута зад Моначанецот.
Јасно е дека на Хамилтон не се прилагодува на SF-25, и се чини дека не е прашање на адаптација, бидејќи беше подобар на самиот почеток на сезоната, а потоа следуваше пад во перформансите.
Според La Gazzetta dello Sport, Ферари подготвува нови надградби за Големата награда на Емилија Ромања. Овие новитети би можеле да бидат одлична вест, но може да предизвикаат и колатерална штета.
Дали ќе бидат фокусирани на тоа Хамилтон да се чувствува поудобно? Ќе го натераат ли Чарлс Леклер да направи чекор назад? Дали ќе работат и за двајцата возачи?
Кога Ферари потпиша со Хамилтон, многу луѓе рекоа дека потпишуваат со возач со стил на возење сличен на оној на Леклер, и дека тоа ќе биде плус при развојот на болидот, бидејќи повратните информации, априори, мораа да бидат слични.
Но, веќе стана јасно дека нивните стилови не се компатибилни и дека имаат различни потреби. Па, дали Ферари ќе го фаворизира Хамилтон или Леклер? Или можеби предлагаат неутрално решение?
Сè уште не е јасно каков е пристапот на тимот од Маранело, но знаеме дека Леклер, кога болидот му "бега" од зоната на комфорност, како на крајот на 2023 или почетокот на 2024 година, прави почетнички грешки.
Тоа значи дека Ферари има уште еден отворен фронт. Добрата вест, ако може така да се каже, е што тие сега го имаат четвртиот најбрз болид. Да се бореа за титули, атмосферата веќе ќе беше многу вжештена.
По години на создавање болид за "принцот од Монако", не може секој да дојде и да владее со него. Ниту седумкратен шампион како Луис Хамилтон.
Навистина, секој професионален возач треба да може да го извлече максимумот од секој болид, но, постојат нијанси кои го спречуваат тоа.
Ако Ферари потпиша со Хамилтон како маркетиншка алатка, доколку продолжи да биде понижуван од Моначанецот, неговиот имиџ ќе се влоши. Ферари мора да ја промени ситуацијата.
Сите возачи имаат свои силни и слаби страни. Тука нема богови. Сепак, неприфатливо е за возач со неговото искуство, да биде дезориентиран. Ова е местото каде што целото негово долгогодишно искуство треба да направи разлика.
Но, овој тренд не е нешто ново. Истото, горе-долу, е она што се случуваше неодамна со Расел, во Мерцедес АМГ. Но, притисокот е овде поголем, во средина која често станува тешка, токсична, непријателска.
Да се надеваме дека средината во која се наоѓа денес нема да му наштети и ќе му дозволи да работи во мир и спокојство.
Но, има и мислење дека без разлика колку подобрувања ќе направат на болидот, ништо нема да се промени. Нема врска со болидот или Луис. Ова е генерацијата на болиди на кои Хамилтон не може да се прилагоди. Инженерите во Мерцедес АМГ веќе го имаат тоа споменато. Тоа го има кажано и Тото Волф.
ИТАЛИЈАНСКИ МЕДИУМИ: ХАМИЛТОН Е ДАЛКУ ПОД ОЧЕКУВАЊАТА
4/22/2025 09:40:00 PM
0
Share to other apps






