Макс Ферстапен уште еднаш го извади најдоброто од себе во најважниот момент и ја освои Пол позицијата за Големата награда на Саудиска Арабија.
Оскар Пјастри се пласираше на првиот стартен ред, додека најголемиот фаворит за најбрзиот круг, Ландо Норис, изгуби контрола врз MCL39, па ќе стартува десетти.
Повторно гледавме интересни и блиски квалификации од почеток до крај, иако се чинеше дека Мекларен се фаворити по тренинг сесиите.
Макс Ферстапен беше единствениот што можеше да влезе во битка со нив од самиот почеток, ставајќи ги Норис и Пјастри во тешка позиција.
А, во такви ситуации, кој попушта прв? Секако, Ландо Норис.
Во првиот брз круг во Q3 изгуби контрола и заврши во заштитните бариери покрај патеката, тешко оштетувајќи го својот болид.
Оттогаш, борбата се водеше меѓу Пјастри и Ферстапен, во која четирикратниот шампион пронајде дополнителна стотинка и ја забележа својата 42-ра Пол позиција.
Надвор од првиот стартен ред, Џорџ Расел исто така беше во добра форма и комплетираше круг на само десетинка од најбрзото време, а покрај него ќе биде Чарлс Леклер, кој беше речиси 6 десетинки подобар од неговиот тимски колега.
Кими Антонели ја обезбеди петтата стартна позиција за утрешната трка, а друштво на третиот ред ќе му прави Карлос Саинц Јр., со болидот на Вилијамс.
Шпанецот започнува да го запознава својот болид во квалификации, но како што изјави по квалификациите, се уште го нема потребното ниво во трка.
Луис Хамилтон беше седми, само 0.003 делови од секундата пред Јуки Цунода во вториот болид на Ред Бул. Пјер Гасли и Ландо Норис ќе бидат на 5-от стартен ред.
Во Q1 сесијата битката се одвиваше на црвените гуми. Први на патеката излегоа дебитантите, а потоа се вклучија и останатите.
Во првиот обид најбрзото време го имаше Оскар Пјастри со 1:28.019, за 0.007 сек. пред Норис.
Хаџар имаше контакт со заштитните бариери на излезот од последниот свиок и се врати во боксот на проверка.
Во Алпин, на излегување од гаражата, заборавија да ја извадат термичката покривка од десното предно тркало на болидот на Гасли, кој извозе неколку метри и застана за механичарите да ја отстранат.
При вторите брзи круга најпрвин Ландо Норис поведе со 1:27.805, а потоа Ферстапен извозе побрзо, 1:27.778.
Албон, со предното лево тркало, оствари значителен контакт со заштитните бариери покрај 16-от свиок, Бортолето се изврте во првиот свиок, но болидите беа неоштетени.
И покрај долгата и тешка патека, резултатите беа блиски, а 15 возачи продолжија понатаму, додека за Строл, Дуан, Хулкенберг, Окон и Бортолето квалификациите беа завршени.
Во Q2 сесија, повторно сите ги користеа црвените гуми. Во првиот обид, Норис го имаше најдоброто време, комплетирајќи круг за 1:27.481, пет стотинки пред Ферстапен.
Во вториот обид се одржаа резултатите на Норис и Ферстапен. Албон, Лосон, Алонсо, Хаџар и Берман не успеаја да се пласираат во финалниот сегмент.
На почетокот од Q3 сесијата, повеќето возачи излегоа на патеката за првиот брз круг, но единствено Пјастри успеа да го комплетира со време од 1:27.560, пред да бидат развеани црвените знамиња.
Ландо Норис го уништи својот Мекларен. Во брз круг, лидерот во шампионатот направи грешка на влез во 4-от свиок, што го чинеше многу во следниот свиок. При полна брзина погрешно мина низ рабниците, изгуби контрола врз MCL39 и заврши во заштитните бариери.
Британецот пријави дека е добро, но беше испратен на првентивен преглед во медицинскиот центар, откако беше активиран сензорот за преоптоварување во неговиот болид.
Беше потребно време да се отстрани Мекларенот од патеката и да се отстранат остатоците. Сесијата беше рестартирана по девет минути.
Од гаражата на Ред Бул се решија да го пратат Ферстапен на патеката со гориво за два брзи круга, останатите се решија за само еден обид.
Во првиот обид, летечкиот Холанѓанец го победи времето на Пјастри со 1:27.559, завршувајќи го кругот од шест километри за една илјадитинка побрзо од Пјастри.
На останатите им остана уште еден последен обид. Џорџ Расел прв го победи времето на Холанѓанецот со 1:27.407, потоа Пјастри беше на врвот на табелата со 1:27.304.
Макс, откако беше во бокс за промена на гуми, без надополнување гориво, повторно беше побрз со 1:27.294, време кое што сега е новиот рекорд на патеката во Џеда.
МАКС НА ПОЛ, ЛАНДО ГО ИСКРШИ СВОЈОТ МЕКЛАРЕН
4/19/2025 06:39:00 PM
0
Share to other apps





