Малку подоцна од вообичаеното време за сумирање на резултатите од традиционалната годишна анкета за македонските Ф1 фанови, но, 2026 пред сезоната изобилуваше со настани, со оглед дека имаме целосен ресет на правилата и прописите.
Сега по изминати две пред сезонски тест сесии и во очекување на последната пред стартот на новиот шампионат, да ставаме крај на минатата година и да видиме кои беа вашите размислувања за минатата сезона, но и првични проценки за 2026 година.
ГОДИНИ, ИСКУСТВО НА МАКЕДОНСКИОТ Ф1 ФАН
Како и во поголемиот дел од изминатите анкети, просечниот македонски Ф1 фан има помеѓу30-50 години, додека помладата генерација ја имаме се помалку и помалку за овој врвен мотоспорт, што секако е разочарувачки податок.
90% од учесниците во анкетата се мажи, 10% се жени. Огромно мнозинство од нашата публика, 73% го следат Формула 1 шампионатот повеќе од 21 година и се декларираат за ветерани, но според пристрасните коментари на нашата ФБ страница и останати наши чет групи, тоа не значи дека добро ги знаат и пред се разбираат случувањата во врвниот мотоспорт.
Повеќе детали за овие и сите останати анкетни прашања имате на страницата каде се сумирани резултати и се наоѓа на следниот ЛИНК.
КАКО БИ ЈА ОЦЕНИЛЕ МИНАТАТА СЕЗОНА?
2025 сезоната доби оцена 4 од повеќето Ф1 фанови, 51.6%, оцена која може да помине и според нас, пред се благодарение на Макс Ферстапен и Ред Бул кои ја направија завршницата на сезоната интересна за фановите.
30.5% од фановите сметаат дека гледавме Одлична (5) сезона во Формула 1, а само 0.4% мислат дека 2025 сезоната не може да добие преодна оценка.
Со оглед на бројноста на нашиот главен град, Скопје убедливо е на првото место по број на Ф1 фанови, а од 2022 година фановите од Прилеп го презедоа второто место од Битолчани, поредок кој важи и за оваа анкета.
На анкетата учествувале фанови од следните градови со застапеност ≤ 1% и тоа Крушево, Ресен, Свети Николе, Берово, Неготино, Демир Капија, Валандово, Македонска Каменица, Дебар, Делчево, Дојран, Македонски Брод, Нов Дојран.
3.5% од македонските фановите кои не следат се наоѓаат надвор од Република Македонија.
ОМИЛЕН ВОЗАЧ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ Ф1 ФАНОВИ
Во оваа номинација беше понуден избор на сите возачи кои учествуваа во Ф1 шампионатот во изминатата сезона, така што резултатот во секој случај е целосен и реален одраз на македонските фанови.
Во 2020 година најголемиот дел од нив го подржаа успехот на Чарлс Леклер.
Во 2021 година, Макс Ферстапен беше на врвот на рангирањето по острата и неверојатна битка со Луис Хамилтон.
Во 2022 година, Моначанецот од Ферари се врати на првата позиција, пред Макс Ферстапен, додека Луис Хамилтон беше трет по популарност.
За 2023 и 2024 година нема промени на првите две места, Чарлс Леклер останува најомилен возач во Македонија, Макс Ферстапен е во близина, но во сенка на Ферари.
Во 2025 година Макс Ферстапен повторно го презема приматот на најомилен возач во Македонија, а најблиска конкуренција секако е Чарлс Леклер.
Фернандо Алонсо има верни фанови кои го задржаа на третото место, додека Луис Хамилтон и Ландо Норис ги задржаа истите позиции на табелата и покрај освојувањето на првата шампионска титула на возачот на Мекларен.
Во топ 10 пласман имаме два нови влеза, и тоа заслужено, на Кими Антонели и Оливер Берман, кои беа дебитанти во Формула 1 шампионатот.Најнепопуларни возачи без нити еден фан од Македонија се Алекс Албон, Лиам Лосон, Ленс Строл, Естебан Окон, Франко Колапинто, Пјер Гасли, Исак Хаџар. 2.3% од анкетираните немаат омилен возач.
НАЈДОБАР ВОЗАЧ ЗА 2025 ГОДИНА
И во оваа номинација беше понуден избор на сите возачи кои учествуваа во Ф1 шампионатот во изминатата сезона.
Изборот беше премногу лесен. Кога Холанѓанецот успеа да го презеде водството на табелата за најомилен возач, изборот за најдобар возач не беше доведена во прашање во нити еден момент!
Макс Ферстапен според огромен процент на анкетираните фанови останува убедливо најдобриот возач на гридот и за 2025 година. Сосема заслужено!
Ландо Норис далеку назад на второ место, додека неговиот тимски колега, Оскар Пјастри, напредуваше две позиции и се искачи на третото место на оваа табела.
Од возачи со топ 10 пласман имаме три нови влеза на табелата Исак Хаџар, Кими Антонели и импресивно 5-то место за Оливер Берман. Сите тројца ве импресираа со нивните можности во нивната дебитантска година.
На дното на оваа табела се: Ленс Строл, Лиам Лосон, Франко Колапинто, Пјер Гасли, Габриел Бортолето (помалку чудно), Јуки Цунода, Џек Дуан.
ОМИЛЕН ТИМ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ Ф1 ФАНОВИ
Во оваа категорија беа понудени сите тимови кои учествуваат во 2025 шампионатот на Формула 1, но и најновиот Ф1 тим што ќе се приклучи од оваа 2026 година.
Секако, Ферари нема конкуренција во Република Македонија и цврсто го држи врвот и покрај долгиот период без освоена шампионска титула кај возачи, па нити во шампионатот на конструктори.
Ред Бул опстојува на второто место, сега пред тимот на Астон Мартин кој се искачи за три позиции на табелата и ги спушти тимот на Мекларен на 4-тото место и Мерцедес АМГ на 5-тото.
Фановите на Мерцедес АМГ некако се намалија по заминувањето од тимот на Луис Хамилтон.
Хас е најнепопуларниот тим во Македонија за 2025 година! Не се најде нити еден човек, барем да даде едн глас за нив.
3.1% од анкетираните немаат омилен тим.
НАЈДОБАР БОЛИД ЗА 2025 ГОДИНА
Огромно мнозинство од македонските Ф1 фанови се согласни дека тимот на Мекларен го имаше најдобриот болид за 2025 сезоната - MCL39. Повеќе од заслужено! НАЈДОБАР ТИМ ЗА 2025 ГОДИНА
Од оваа година ги одделивме анкетите за најдобар тим и најдобар болид.
Македонските Ф1 фанови, повеќе од половината, го избраа тим на Мекларен за најдобриот во 2025 година.
НАЈУБАВ БОЛИД НА ГРИДОТ ВО 2025 ГОДИНА
Како и секоја сезона, 2025 болидот на Ферари, СФ-25, се најде на врвот, но не баш така убедливо како во изминатите сезони. Дали Тифозите се пред крај на нивните надежи за нешто повеќе?!?
Болидите од Маранело, во земја на Ферари како нашата, секогаш се првиот избор, но тоа е случај и во поголемиот дел од земјината топка.
НАЈДОБАР ТИМСКИ ШЕФ ВО 2024 ГОДИНА
Во оваа номинација беше понуден избор од сите тимски шефови кои беа дел од Ф1 шампионатот во изминатата сезона.
Во оваа категорија ја имавме најблиската битка помеѓу Андреа Стела и Лоран Мекис, која ја доби тимскиот шеф на Мекларен!
Фред Васер, тимскиот шеф на Ферари, имаше огромен пад од пет позиции и од второ се најде на седмото место на оваа табела.
линк - ФОРМУЛА 1 - СИТЕ ПОВАЖНИ ДАТУМИ И ИНФОРМАЦИИ ЗА 2026 СЕЗОНАТА - линк
Ф1 ФАНОВИ ВО МАКЕДОНИЈА, ПРВ ДЕЛ
2/15/2026 11:58:00 AM
0
Share to other apps
















