Единствено Михаел Шумахер си има своја кривина
МИХАЕЛ ШУМАХЕР НА НИРБУРГРИНГ
Нирнбургринг бара високо ниво на downforce, со цел да се минимизираат ефектите на подуправување во брзите кривини. Тоа е патека која не е особено тешка за гумите, доколку тие успешно и правилно се користат и болидот има добро подесување. За разлика од многу други патеки, возачите имаат доста широк спектар на тркачки линии за поминување на кривините. Нирбургринг е единствената Гран при патека во светот кој има кривина именувана по возач, кој се уште се натпреварува во Формула 1 шампионатот, а тоа е кој друг ако не седумкратниот шампион Михаел Шумахер, а кривините 9 и 10 се познати како Michael Schumacher Esses.
ВИЛИЈАМС СО НОВИ ПОДОБРУВАЊА НА БОЛИДОТ.
За трката во Германија тимот на Вилијамс ќе располага со ново предно и задно крило, како и ревидиранo мапирање на моторот поради вратеното правило за издувување на дифузерите. За подесувањата за трката Сем Мајкл вели дека е важно болидот да биде поставен добро за бавните и средно бавните кривини.
ЏЕЈМС АЛИСОН НОВ ПРЕДВОДНИК НА ТЕХНИЧКАТА ГРУПА НА ФОТА.
Џејмс Алисон, техничкиот директор на Рено ќе биде на чело на техничката работна група на FOTA. Тој ја презема функцијата откако Алдо Коста ја загуби својата работа во Ферари. Пред тоа Рос Браун беше на чело на групата.
ПИРЕЛИ СО НОВИ СУПЕР МЕКИ ГУМИ.
Пирели за време на петочните тренинзи на тимовите ќе им достави за тестирање нови Супер Меки гуми со променета мешавина на компоненти. Тие ќе бидат поиздржливи и ќе се трошат помалку. Од Пирели немаат прецизен план кога ќе се користат променетите супер меки гуми, но планот е оваа нова смеса да се додаде кон веќе променетите кон поиздржливи Медиум и Тврди гуми.
СЕ ВРАЌА СПЕЦИФИКАЦИЈАТА НА МОТОРИТЕ ОД ВАЛЕНСИЈА.
На сајтот на ФИА и официјално е објавено дека од следнава трка сите болиди повторно ќе се вратат на спецификацијата од Валенсија за дифузерите и нивното издувување. Тоа значи дека единствената забрана, која останува во сила е тимовите да го користат истото мапирање на моторот за време на квалификациите и трката. Освен тоа, станува јасно дека тимовите се согласиле да не протестираат еден против друг околу оваа тематика.

