Себастијан Ветел докажа дека ја заслужува титулата за 2011
Себастијан Ветел забележа нова победа, ја зголеми предноста во генералниот пласман, што реално најверојатно му ја носи и овогодинешната Титула Светски Шампион. Трката имаше возбудлив и полн со инциденти старт, а Нико Розберг најдобро стартуваше и од петтата стартна позиција се најде на првото место пред Ветел на второто и Маса на третото место. Алонсо со уште еден добар старт, и веднаш стигна до петтото место. Лоши стартови имаа Хамилтон кој се најде на четвртото место, а од Вебер можеше и да се очекува лош старт на трката и се најде на осмото место. Пред трката возачите се жалеа на блистеринг на предните гуми, а најгласни беа возачите на Ред Бул особено Себастијан Ветел, и тоа веднаш се покажа по стартот на трката, кога се виде дека болидите на Ред Бул се борат со меките гуми на Пирели, па Австралиецот беше првиот кој влезе во боксот по нови гуми веќе во четвртиот круг, а Ветел веднаш по него во следниот круг.
Разочарувачки старт за Бруно Сена кој го удри Џејми Алгуерсуари во првата кривина и ја уништи неговата трка. Бразилецот влезе премногу брзо во првата кривина и не успеа да го запре болидот на време, потег кој по трката го правдаше со недоволното изкуство на стартови со полн резервоар. По трката му се извини на Алгуерсуари, но што корист од тоа, кога возачот на Торо Росо испушти шанса за свој најдобар пласман сезонава. Од мешаницата во првиот круг предизвикана од Сена, меѓу другите настрада и предното крило на Батон, па мораше во бокс по ново и во тие моменти не ни помислуваше дека може да стигне до пласман на подиумот.
Не помина долго време по влегувањето на Ветрел во боксовите, кога речиси сите водечки почнаа да влегуваа во боксовите, и кога се беше завршено, Ветел и Алонсо се најдоа на првото и второто место. Меѓу боксовите имаше доста акција на патеката, многу претекнувања во DRS зоната, а најспектакуларното престигнување денес го имаше Вебер кога со полна брзина, еден болид покрај друг, го помина Алонсо во Eau Rouge кривината, двете предни тркала само што не се допреа, а последиците ќе беа катастрофални. Алонсо не остана должен, па кога ги загреа гумите му се одмазди на Вебер престигнувајќи го повторно. Изгледа дека овие двајца возачи имаат голема почит еден спрема друг, па при нивните дуели не може да се очекуваат недозволени потези.
Најголемиот инцидент се случи во вториот круг 14, кога се судрија Камуи Кобајаши и Луис Хамилтон во Les Combes. Хамилтон само што го помина Зауберот кој имаше оштетено предно крило, но Кобајаши се обиде да му врати од надворешната страна што беше повеќе од очајнички обид на на Кобајаши, и тогаш Луис место да остане од внатрешната страна се придвижи кон лево да го блокира и следеше допир со тркалата, а болидот на Мекларен заврши спектакуларно во рекламата од стиропор покрај патеката а потоа и во бариерите. По кој знае кој пат ја завршува трката пред време по своја вина, со тоа неговите амбиции за титулата(ако и ги имаше) завршија на Спа.
Следува период на безбедносното возило, Ветел веднаш влезе во бокс по нови гуми, му го предаде првото место на Алонсо, па Шпанецот ја поведе трката по рестартот, но подоцна беше повторно поминат во ДРС-зоната. Од тогаш, па до крајот на трката Ветел беше недостижен, заминувајќи далеку пред Алонсо, и освојувајќи ја својата нова победа. Кога Ферари ги стави Интермедиа гумите темпото на Алонсо драматично се намали и тој се најде во ситуација да го биде поминат прво од Вебер, а потоа и од одличниот Батон на два круга до крајот.
Михаел Шумахер ја заврши својата јубилејна трка на петтото место, иако трката ја започна од последната позиција, со што го покажа шампионскиот стил на возење. Во последните кругови го помина неговиот тимски колега Розберг, кој мораше да штеди на гориво. Адријан Сутил со Форс Индија заврши на седмто место, а поради проблеми до дупната гума на Маса му преостана пласман на осмото место. Останатите поени ги освоија, Виталиј Петров со Рено и Пастор Малдонадо со Вилијамс. Тоа беше првиот освоен поен на Мексиканецот во Формула 1.
БЕЛГИСКО ГРАН ПРИ, Спа-Франкошамп;
44 круга; 308.052км; Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. СЕБАСТИЈАН ВЕТЕЛ РЕД БУЛ 1h26.44.893
2. МАРК ВЕБЕР РЕД БУЛ + 3.741
3. ЏЕНСОН БАТОН МЕКЛАРЕН + 9.669
4. ФЕРНАНДО АЛОНСО ФЕРАРИ + 13.022
5. МИХАЕЛ ШУМАХЕР МЕРЦЕДЕС ГП + 47.464
6. НИКО РОЗБЕРГ МЕРЦЕДЕС ГП + 48.674
7. АДРИАН СУТИЛ ФОРС ИНДИЈА + 59.713
8. ФЕЛИПЕ МАСА ФЕРАРИ + 1:06.076
9. ВИТАЛИЈ ПЕТРОВ РЕНО + 1:11.917
10. ПАСТОР МАЛДОНАДО ВИЛИЈАМС + 1:17.615
11. ПОЛ ДИ РЕСТА ФОРС ИНДИЈА + 1:23.994
12. КАМУИ КОБАЈАШИ ЗАУБЕР + 1:31.976
13. БРУНО СЕНА РЕНО + 1:32.985
14. ЈАРНО ТРУЛИ ЛОТУС + 1 круг
15. ХЕИКИ КОВАЛАИНЕН ЛОТУС + 1 круг
16. РУБЕНС БАРИЧЕЛО ВИЛИЈАМС + 1 круг
17. ЖЕРОМ Д`АМБРОЗИО ВИРЏИН + 1 круг
18. ТИМО ГЛОК ВИРЏИН + 1 круг
19. ВИТАНТОНИО ЛИУЦИ ХРТ + 1 круг
Најбрз Круг: Фелипе Маса, 1:23.415
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ ПРИ КРУГ
ПЕРЕЗ ЗАУБЕР 27
РИКАРДО ХРТ 13
ХАМИЛТОН МЕКЛАРЕН 12
БУЕМИ ТОРО РОСО 6
АЛГУЕРСУАРИ ТОРО РОСО 1
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН ПО 12 ТРКИ:
ВОЗАЧИ: КОНСТРУКТОРИ:
1. ВЕТЕЛ 259 1. РЕД БУЛ 426
2. ВЕБЕР 167 2. МЕКЛАРЕН 295
3. АЛОНСО 157 3. ФЕРАРИ 231
4. БАТОН 149 4. МЕРЦЕДЕС ГП 88
5. ХАМИЛТОН 146 5. РЕНО 68
6. МАСА 74 6. ЗАУБЕР 35
7. РОЗБЕРГ 56 7. ФОРС ИНДИЈА 32
8. ШУМАХЕР 42 8. ТОРО РОСО 22
9. ПЕТРОВ 34 9. ВИЛИЈАМС 5
10. ХАЈДФЕЛД 34
11. КОБАЈАШИ 27
12. СУТИЛ 24
13. БУЕМИ 12
14. АЛГУЕРСУАРИ 10
15. ДИ РЕСТА 8
16. ПЕРЕЗ 8
17. БАРИЧЕЛО 4
18. МАЛДОНАДО 1