Секоја година, како дел од календарот на Формула 1, се одржува Големата Награда на Унгарија на патеката Хунгароринг, која е лоцирана во непосредна близина на Будимпешта. Повеќето од Македонските Ф1 фанови ја имаат посетено оваа трка која е една од најпристапните за нашиот буџет. Сите што биле најчесто ја опишуваат со два збора: жешка и правлива. Деновите кога се одржува оваа трка обично се најжешките денови на летото. Но, повеќето од нас се навикнати на таа клима.
Патувањето од хотелот каде што сте сместени(ако е во центарот) во Будимпешта до Хунгароринг е приказна за себе, особено во недела кога е трката. За растојанието од околу 25 км од центарот на градот до патеката трае и до неколку часови.
Па, затоа тргнувањето планирајте го што порано. Во меѓувреме ви останува да ја разгледате Будимпешта, која нуди за секого по нешто, а за верните љубители на Формула 1 се надеваме дека ќе понуди интересна и незаборавна трка.
Хунгароринг ретко се користи, па така во петокот на патеката обично има многу прашина, а состојбата се подобрува како што одминува викендот. Петочните слободни тренинзи може да кажеме дека служат за "чистење" на патеката, а саботниот тренинг ќе послужи за планирање на стратегијата за трката. Патеката е тесна, а асфалтот е нерамен и не нуди многу грип. Ова е техничка патека, со многу бавни кривини. Тоа претставува физички предизвик за возачите со многу малку време за одмор, за време на краткиот стартен правец. Иако кочењето не е особено тешко, сопирачките не добиваат многу шанса за да се оладат, па нивното трошење е значително.
Како и на секоја патека каде претекнувањата се многу тешки, голема улога игра стартната позиција остварена на Квалификациите, како и самиот Старт на трката. КЕРС-системот да биде исправен ќе биде од особена важност на стартот, но во трката ќе биде помалку ефикасен, бидејќи е многу тешко да се наполни целосно за време од еден круг од трката.
Ред Бул направија голем чекор напред во средниот дел на сезоната и имаат предност во квалификациите и трката (под услов да не врне). Тие се тимот кој има силни перформанси на патеките со бавни кривини. Но, останува едно сепак, бидејќи треба да ги видиме на дело по забраната на контроверзното мапирање на нивните мотори од страна на ФИА. Патеката би требало да му одговара и на Ферари, додека Мекларен и Лотус имаат тенденција да бидат силни на патека со повеќе средни и многу брзи кривини.
Претекнувањето е исклучително тешко на Хунгароринг, а единствено место каде е возможно при изедначени болиди е стартниот правец и тоа со помош на ДРС-системот, кој од кога што беше воведен е од исклучителна помош на возачите.
ВО ПРЕСРЕТ НА УНГАРСКОТО ГП
7/26/2012 02:07:00 PM
0
Tags
Share to other apps