
Ред Бул повторно тимот што треба да се победи?!?
Tест сесии се веќе минато, а веќе за осум дена не очекува почетокот на новата 2013 сезона во Формула 1. За разлика од минатата година, официјалните преноси во Македонија, стартуваат веќе од првата трка во Австралија на Македонската Телевизија. Браво за нив.Веќе по првите промоции на тимовите видовме дека никој претерано не вложувал во развојот на овогодинешните болиди, кои се еволуција на минатогодишните, со оглед на малата промена на техничките правила. Тоа е сосема разбирливо, бидејќи веќе следната сезона не очекуваат радикални промени и воведување на V6 турбо моторите.
Како резултат на тоа, со сигурност може да кажеме дека имаме само мала промена, ако не и речиси никаква, во распоредот на силите за престојната сезона. Единствено гумите на Пирели за 2013 година се комплетно променети во однос на соединенијата и конструкцијата на Истите. Подетално објаснување на слик гумите за суво време кои носат ознака P Zero и гумите за влажно време со ознака Cinturato Formula One на следниот линк. Тие се помеки и побрзи. За 2013 Австралија ГП-то се најавени супер-меките и медиум слик гуми, па со предвидената разлика од една секунда по круг помеѓу овие две соединенија, стратегија на тимовите ќе биде прилично важна, а тоа е добра работа. Ќе биде интересно...
Ред Бул е најтаинствениот тим на тест сесиите, никогаш не настојуваа да го забележат најбрзото време, а RB9, беше внимателно чуван од љубопитните новинари, фотографи, противнички инженери. Но, денес ништо не може да се скрие, па фотографите изнајдоа начини да ги забележат деталите на најновото ремек дело на Адријан Њуи. Според нас штом не форсираа премногу, во тимот на Ред Бул, добро си ги знаат своите можности, па немаше потреба од никакво докажување на патеката. Шампионскиот тим од минатата година, ја има предноста од неколку десетинки пред сите останати тимови. Единствено, нивните калкулации може да ги расипат гумите на Пирели.
Кои други тимови ќе се борат за подиумот со Ред Бул?!? Тоа се Мекларен, Лотус, Ферари и Мерцедес АМГ. Останатите тимови слично како и минатата сезона, инцидентно во зависност од однесувањето на гумите, ќе изненадуваат на некоја трка од сезоната.
Ферари ја има својата препознатлива конзистентност, издржливост, упорност и желбата на Алонсо за Победи. Шпанецот верува во себе, вели дека е подобар од минатата година, а Ф138 е 200-та пати подобар од Ф2012.Но, дали се тоа е доволно, кога Доменикали излегува со изјава дека не знае дали ќе се борат за врвот во Австралија. Дали еден тимски шеф може да си го дозволи тоа пред почетокот на една сезона. Ако тој не верува во сопствениот тим, зошто би верувале останатите. По оваа изјава, како да сфати дека погрешил, па ја ублажуваше работата со изјави за агресивен старт на Ферари и одлучна борба за Победи. Фелипе Маса ќе ја чека својата шанса од втор план.
Формата на Мекларен како да одеше во надолна линија за време на овие тест сесии. Во Херез беа едни од најдобрите и веднаш покажаа брзина со MP4-28, а потоа дојде Барселона кога болидот не напредуваше на начин на кој што се надеваа.
Главен проблем за нив е неможноста да се справат со преголемата деградација на Пирели гумите, доволно добро како некои од ривалите. Би требало да се брзи во Квалификациите, но долгите стинтови ќе им бидат проблем. Сепак може да ги вброиме во едни од главните ривали на Ред Бул. Џенсон Батон ја презеде лидерската улога во овој тим, а сезоната ја почнува на патека која одговара на неговиот стил на возење.
Мерцедес АМГ, спротивно на Мекларен, лошо ги почнаа зимските тестирања со многу проблеми во Херез, за да во последните два дена бидат најбрзиот тим во Барселона. Но... Тоа беше така и минатата сезона, а кога стартуваше сезоната нив ги немаше никаде. Оваа сезона се засилени со Луис Хамилтон, а тој изјави дека верува во можноста на тимот да победи на трка оваа година. Мерцедес се блиску до врвот, а најголеми шанси за победа ќе имаат на патеките каде времето ќе биде постудено. Доволно ќе биде Луис и Нико да ги направат трките прилично повозбудливи оваа година.
Лотус е последниот тим кој е меѓу најбрзите, а кога водечките тимови се со мала разлика во перформансите се е возможно. Лотус влегува во сезоната со болид, кој е способен за борба за највисокото скалило на подиумот, но колку што тоа е блиску, толку е и далеку. И двајцата нивни возачи, Кими Раиконен и Роман Грожан прикажаа брзина во еден круг и импресивни долги стинтови. Единствена несигурност, која би можела да произлезе е од финансиска природа, бидејќи знаеме дека главниот споственик на Лотус Ф1, GENII, сеуште е во потрага по сигурен партнер, кој не само што ќе донесе пари во тимот, туку и ќе ја потврди сигурноста на тимот за да се одржи потребното ниво на развој на овој тим во подалечна иднина.Останатите тимови ќе блеснуваат на некоја трка на која ќе им се погодат условите за пласман на подиумот. Тука мислиме пред се на Заубер, Форс Индија, Вилијамс, тимовите од средината на поредокот. Ова се тимовите кои ќе водат интересна меѓусебна битка за што подобар пласман.
Следува Торо Росо, а тоа е тимот кој не е ни во средината од поредокот, но не припаѓа ни во најслабите тимови. Тие се во сопствена лига, без конкуренција.
На крај следуваат најслабите тимови на Катерам и Марусија, кои ќе се борат да го избегнат последното место во Формула 1 поредокот, а годинава не им прави друштво ХРТ, кој финансиски банкротираше и оваа сезона не учествува во Ф1 Шампионатот.
