На стартот од денешната трка, двата возачи на Мерцедес АМГ имаа добар старт, зачувувајќи ги своите почени позиции на патеката по првиот свиок, Хамилтон на првото и Розберг на второто место. Нити еден од болидите зад нив не успеа да се доближи до нив, камоли да ги загрози. Зад нив Даниел Рикиардо го изгуби третото место од Кими Раиконен. Најпроблематичен старт имаше возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, кој имаше судир со Нико Хулкенберг по што болидот на Ред Бул се изврте на патеката.
Холанѓанецот падна на последното место, но веднаш започна со пробивање назад кон врвот на поредокот. Веќе во четвриот круг стигна до 15-тото место. Оваа грешка можеби и ја навести шампионската Титула за Нико, бидејќи возачот кој имаше најголеми шанси да се вмеша во борбата на Мерцедес АМГ, беше елиминиран уште на почетокот.
Првиот круг на промени на гумите започна рано, со оглед што повеќето возачи беа на ултра-меките гуми на Пирели. Прв во бокс се упати Хамилтон, а на неговиот болид беа монтирани меките гуми. Кога и Розберг влезе во бокс, каде беше задржан неколку секунди повеќе од потребното, поради давање предност на болидот на Ферари, Ферстапен веќе беше на ворото место зад Хамилтон.
Возејќи за околу половина секунда зад водечкиот Мерцедес, Ферстапен започна да го забавува Розберг, што во 17-от круг резултираше со заостанување на Германецот зад својот тимски колега од 2.8 секунди. Зад првите тројца беше Раиконен, пред Рикиардо, Ветел, Хулкенберг, Перез, Маса и Фернандо Алонсо на 10-тото место.
Претходно, во 14-от круг, Џенсон Батон, во вториот Мекларен, на неговата 305-та Ф1 трка и, според него, последна во својата Ф1 кариера го заврши својот настап поради дефект на воланот.
Во 20-от круг Нико беше информиран од својот тркачки инженер дека е потребно да го престигне Ферстапен, ако сака да ја има неговата трка под контрола, што веднаш резултираше со претекнување на Ред Булот, кое беше изведено на најбезбедниот можен начин, држејќи се "далеку" од Холанѓанецот кој се спротивстави на нападот, но неговите гуми беа при крај и невозможна мисија да се спротистави на залетаниот Мерцедес. Веќе беше јасно дека од Ред Бул по почетниот инцидент ќе се обидат да ја завршат трката само со едно влегување во бокс.
Ферстапен по неколку круга влезе во бокс по меки гуми. Розберг, повторно по тимското радио беше советуван да направи доплнителни 3-4 секунди предност со однос на Макс, што резултираше со неколку подобрувањаа на најбрзиот круг во трката. Со тоа второто место повторно беше безбедно. Водечкиот во трката, Хамилтон за својот последен пит-стоп се реши во 28-от круг, додека Розберг кој имапе 25 секунди предност над Ферстапен, тоа го направи два круга подоцна. По враќањето на патеката тој се појави зад Хамилтон, но најважно за него 3.9 секунди пред Ферстапен.
Во тие моменти, со само еден влез во пит-стоп, Ветел ја предводеше трката и во Ферари се одлучија за што подолг стинт на меките гуми, за на крај да нападнат со побрзите супер-меки гуми на Пирели. Промената беше направена во 37-от круг, на патеката се врати на шесто место и веднаш тргна во напад со целосниот потенцијал на Ферари болдиот. Прв беше стигнат и престигнат неговиот тимски колега, Кими Раиконен.
Во меѓувреме темпото на Хамилтон започна да опаѓа, по што следуваше порака од неговите инженери дека со тоа темпо е доведена во праше победата на трката пред залетаниот Ветел. Бранителот на титулата за кратко забрза, но по неколку круга, тој повторно почна да забавува, а како резултат на тоа Розберг полека се најде во близина на Ферстапен. Но, возачот на Ред Бул немаше сили да го нападне Розберг, туку беше ставен во положба да се брани од Ферарито на Себастијан Ветел, кој поминувајќи го и Даниел Рикиардо дојде во можност да нападне за третото место.
Хамилтон повторно беше советуван да го забрза своето темпо, поради реалната закана за неговата победа. На тоа тој одговори дека кога веќе ја губи титулата, Победата и не е негов прв приоритет. Не знаеме колку е вистина или само шпекулација на германските медиуми, Тото Волф на ова после трката реагирал дека ако Хамилтон сака да го слуша Хорнер нека вози за Ред Бул. Пред трката изјавите на Хамилтон беа дека не помислува да го забавува Розберг, како што беше советуван од Хорнер, туку дека размислува само на Победата.
Ситуацијата за Розберг стана покритична кога Ветел го прелета Ферстапен на четири круга до крајот на трката. Кога му беше кажано по тимското радио дека Хамилтон е бавен од тактички причини, Германецот во болидот на Мерцедес не се одлучи да нападне, (паметно знаејќи дека тоа не е вистинската брзина на Луис) туку остана во растојание доволно за да може да го користи ДРС-системот за да се одбрани од потенцијалните напади на Ветел.
Германецот во болидот на Ферари го нападна својот сонародник само еднаш и тоа во претпоследниот круг, кога се обиде да го престигне во 11-от свиок. Обидот заврши неуспешно, можеби и поради фактот што и не се обиде баш со сите сили и по цена на инцидент, како што тоа најверојатно би го направил Ферстапен.
На крајот Хамилтон стигна до десеттата победа оваа година, но поголемата награда - Шампионската Титула - отиде во рацете на Нико Розберг, кој го освои второто место. Ветел ја заврши сезоната со својот седми пласман на подиумот во оваа сезона, пред Ферстапен и Рикиардо.
Шестото место му припадна на Кими Раиконен, додека Хулкенберг се прости од тимот на Форс Индија со седмото место, пред тимскиот колега Серџо Перез. Деветтото место му припадна на Фелипе Маса, кој ја возеше својата последна Ф1 трка, пред Фернандо Алонсо со Мекларен на последното место кое носи поени.
Голема Награда на Абу Даби, Јас Марина
55 круга, 305.470км., Време: Суво.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч38:04.015
2. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 0.439
3. Себастијан Ветел Ферари + 0.843
4. Макс Ферстапен Ред Бул + 1.685
5. Даниел Рикиардо Ред Бул + 5.315
6. Кими Раиконен Ферари + 18.816
7. Нико Хулкенберг Форс Индија + 50.114
8. Серџо Перез Форс Индија + 58.776
9. Фелипе Маса Вилијамс + 59.436
10. Фернандо Алонсо Мекларен + 59.896
11. Роман Грожан Хас + 1:16.777
12. Естебан Гутиерез Хас + 1:35.115
13. Естебан Окон Манор + 1 круг
14. Паскал Верјалн Манор + 1 круг
15. МаркусЕриксон Заубер + 1 круг
16. Фелипе Наср Заубер + 1 круг
17. Џолион Палмер Рено + 1 круг
2014. Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч30:02.555
2015. Н.Розберг - Мерцедес АМГ - 1ч38:30.175
Најбрз Круг: Себастијан Ветел - 1:43.729
БЕЗ ПЛАСМАН:
Карлос Саинц ЈР Торо Росо
Данил Квјат Торо Росо
Џенсон Батон Мекларен
Валтери Ботас Вилијамс
Кевин Магнусен Рено
Конечен Генерален Пласман:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 385 1. Мерцедес АМГ 765
2. Луис Хамилтон 380 2. Ред Бул 468
3. Даниел Рикиардо 256 3. Ферари 398
4. Себастијан Ветел 212 4. Форс Индија 173
5. Макс Ферстапен 204 5. Вилијамс 138
6. Кими Раиконен 186 6. Мекларен 76
7. Серџо Перез 101 7. Торо Росо 63
8. Валтери Ботас 85 8. Хас 29
9. Нико Хулкенберг 72 9. Рено 8
10. Фернандо Алонсо 54 10. Заубер 2
11. Фелипе Маса 53 11. Манор 1
12. Карлос Саинц ЈР. 46
13. Роман Грожан 29
14. Данил Квјат 25
15. Џенсон Батон 21
16. Кевин Магнусен 7
17. Фелипе Наср 2
18. Џолион Палмер 1
19. Паскал Верлајн 1
20. Штофел Вандорн 1






