Овој викенд 2016 Шампионат во Формула 1 завршува со трката за Големата Награда на Абу Даби. Патеката Јас Марина обезбедува спектакуларна сценографија за финалната пресметка за титулата во генералниот пласман на возачи. Лидерот во шампионатот, Нико Розберг има 12 поени предност во однос на единствениот свој ривал за титулата и воедно тимски колега од Мерцедес АМГ, Луис Хамилтон.
Британецот е победник на последните три трки, што сугерира дека е во топ форма, но дури и ако бранителот на титулата стигне до четвртата победа во низа, Розберг ќе треба само да заврши со пласман на подиумот за да ја запечати титулата.
Секако во игра се и многу други комбинации, но се се сведува на тоа што Хамилтон треба да заврши на место, кое носи 12 поени повеќе од пласманот на Розберг. На тој начин, потенцијално може да гледаме интересна битка, која што може да биде потпомогната од страна на возачите на Ред Бул или пак Ферари на оваа најмодерна патека во календарот.
Со својата футуристичка архитектура и тркање на зајдисонце, Абу Даби ГП личи на трка од иднината. Со просечна брзина од речиси 200км/ч , патеката се состои од "улична" секција, пристанишен дел и сектор каде се вози со голема брзина. На средината на патеката е Jас Марина хотелот, архитектонско чудо, камелеон кој ја менува својата боја. Подземниот излез од боксовите е тесен и лизгав, и лесно може да предизвика застој.
Патеката се одликува со најдолгиот рамен дел во Ф1 календарот, каде се развиваат брзини над 330 км/ч пред наглото сопирање за лево-десната шикана. Тоа е местото каде ќе се случат повеќето претекнувања на трката. Објектите се извонредни, а тимовите и нивните гости имаат огромни простории на располагање.
Свиок 7
Овој свиок е најспор на патеката. Моторното кочење треба да биде особено ефективно за болидот да има стабилност при влезот, и подеднакво добро реагирање на педалата од гаста при излезот кој води кон најдолгиот правец. И најмалата грешка ќе доведе до значителна загуба на време.
Правецот помеѓу свиоците 7 и 8
Околу 55% од патеката се поминува со полн гас, со просечна брзина од околу 200км/ч , слично на патеката во Монтреал. Најдолгиот правец во сезоната има 1.200 метри помеѓу свиоците 7 и 8. Болидите ќе бидат со полн гас околу 14 секунди, достигнувајќи брзина од над 330км/ч .
Калибрацијата на брзините е од суштинско значење, последниот степен на пренос мора да биде поставен релативно високо за да се овозможи конкурентност на крајот од правецот со активен ДРС. Сепак, свиоците во третиот сектор бараат брзините да бидат блиску распоредени за да се постигнат потребните кратки рафални забрзувања помеѓу острите свиоци, така да инженерите ќе бидат принудени да го направат вистинскиот избор на соодносот на менувачот.
Свиок 21
Во третиот дел на патеката од свиокот 11 па се до финалниот свиок со број 21 доминираат главно десни свиоци кои се земаат во втор или трет степен на пренос. Свиокот 21 е добар пример на еден типичен свиок во овој сектор. Просечната брзина е ниска, само 160км/ч, а управливоста на болидот треба да е на највисоко ниво, бидејќи десетинки од секунда може да се добијат ако тој е "прикован" на патеката во овие бавни свиоци.
ВО ПРЕСРЕТ НА ФИНАЛНАТА БИТКА НА ПАТЕКАТА ЈАС МАРИНА
11/24/2016 10:45:00 PM
0
Share to other apps

