Ферари заминува од Јапонија само со поените за петтото место на Кими Раиконен, откако Финецот напредуваше исто толку места по стартот од 10-тата позиција. Себастијан Ветел беше оневозможен од било каква шанса да се бори за победата, поради неисправна свеќичка на еден цилиндер. Во Ферари веруваат дека перформансите на тимот и болидот се способни за победи, па така не се откажуваат се додека има теоретски шанси за титулата.
Себастијан Ветел: "Не знам дали денешната ситуација има врска со издржливоста. Но, ние не ја завршивме трката, така што тоа е проблем. Мислам дека тоа беше мала работа која предизвика голем проблем. Ја немавме целосната моќност уште на стартот, се обидовме да го ресетираме системот, но проблемите продолжија."
"Се разбира, сега битката за титулата е многу потешка. Им реков на момците да се вратат дома и да се одморат, бидејќи имавме неверојатно тешка недела со многу проблеми."
"Потоа, ќе се вратиме со подобар болид за да се претставиме во добро светло на последните четири трки, а потоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Генерално, верувам дека тимот е на добар пат. Ние се подобруваме од трка во трка и постојат позитивни аспекти. Но, се разбира, денес не можете да најдете премногу позитивни работи."
Маурицио Аривабене: "Уште еднаш, и покрај тоа што нашиот болид има силен потенцијал, работите не се одвиваат според планираното. Проблемот што го спречи Себ беше скршена свеќичка. Како што реков претходно, знаеме дека болидот, возачите и тимот се на добар пат. Затоа кон претстојните трки ќе настапиме со уште понапорна работа и поголема решителност. Се до последниот свиок на последното Гран при."
ВЕТЕЛ: МАЛ ДЕФЕКТ, ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ
10/08/2017 01:27:00 PM
0
Share to other apps