Како и секогаш со толкава армија на фанови во Македонија, изборот можеше да се предвиди и пред почетокот на гласањето.
Едноставно реалноста е таа, Ферари нема конкуренција во нашата земја и најверојатно има повеќе фанови колку сите тимови заедно, па така на врвот од анкетите секогаш победува нешто поврзано со овој тим.
Како најдобра трка во досегашниот тек од сезоната, со убедлива предност беше избрана трката за Големата Награда на Велика Британија.
1. ГОЛЕМА НАГРАДА НА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Тој викенд имавме прва Пол позиција и Победа за Карлос Саинц Јр.. Силверстоун се покажа како еден од првите вистински тестови на новите регулативи, имајќи предвид дека е брза патека со широки свиоци кои доволуваат битка тркало до тркало.
Британската публика можеше да проследи добра трка, но почетокот не беше баш најсјајен, откако Џорџ Расел имаше контакт со Џоу Гуанју, по што болидот на Алфа Ромео се преврти наопаку, за потоа да се излизга на ХАЛО-системот до заштитните бариери покрај патеката.
Но, остатоците од Алфата беа отстранети и се знаеше дека Џоу е добро, започна возбудлива трка. Во раните фази во водство се менуваа повеќе возачи, Ферстапен, Леклер, на моменти Хамилтон и Саинц Јр., сите решени да завршат на врвот на табелата.
Но, Макс Ферстапен помина низ остатоци на патеката, оставени како последица на судирот помеѓу возачите на АлфаТаури, и тоа го стави надвор од конкуренција. Се навестуваше дека Ферари лесно ќе се справи со Луис Хамилтон, единствениот останат возач на Мерцедес АМГ во игра.
Кога изгледаше дека Леклер ќе забележи нова победа, имавме излегување на безбедносниот автомобил на 14 круга до крајот, откако Окон застана на патеката поради проблем со пумпата за гориво.
Ферари не успеа да го внесе во бокс својот водечки возач по нови гуми, и го остави на белите гуми. При рестартот на трката се одвиваше акција на патеката која може да се каже дека беше една од највозбудливите моменти што Формула 1 шампионатот ги понудил во досадната "хибридна" ера на овој спорт.
Карлос Саинц Јр. поведе на рестартот, а неговиот тимски колега беше фрлен на лавовите, да се брани како знае и умее за последните позиции на подиумот со Хамилтон и Перез.
Откако Саинц Јр. го презеде водството, само неколку моменти подоцна Перез го мина Хамилтон за третото место, а потоа го имаше Леклерк следен пред него. Во битка тркало до тркало двајцата отидоа прешироко во клуб свиокот, што му овозможи на Хамилтон да ги претекне двајцата со еден потег, за набрзо повторно да испадне од топ 3 поредокот во истиот круг.
Болидот на Ред Бул беше најбрз, што на крај му овозможи на Перез да излезе како победник за второто место,a Леклер и Хамилтон останаа да се борат за последното скалило на подиумот.
Во 48-от круг, Хамилтон го мина Леклер од надворешната страна на Луфилд свиокот, но возачот на Ферари со неверојатен потег повторно ја врати позицијата претекнувајќи го Британецот од надворешната страна на Копс.
Но, потоа во истиот круг во свиокот Стоу, Хамилтон го искористи ДРС-системот за да стигне до третото место, поредок кој остана до крајот на трката.
За време на сето ова, Фернандо Алонсо и Ландо Норис беа на секунда до акцијата, чекајќи да искористат секоја грешка. Тоа беше неверојатно драматичен начин да се стави крај на она што беше воодушевувачка трка за Големата Награда на Велика Британија и повторно исполнување на ветувањата за повозбудливи трки со новите регулативи.
2. ГОЛЕМА НАГРАДА НА УНГАРИЈА
Една од најдобрите победи на Ферстапен, која му донесе предност од 80 поени во шампионатот пред летната пауза. Холанѓанецот победи по старт од петтиот ред, додека Ферари пропушти уште една шанса.
Пред трката во Унгарија, Ферари заостануваше зад Ред Бул со 82 поени во шампионатот на конструктори, и сите планови и најави беа дека ќе атакуваат на сигурна двојна победа.
По квалификациите, се чинеше дека единствениот тим кој можеше да го спречи тоа се самите тие, а двајцата возачи стартуваа во топ 3, додека возачите на Ред Бул беа на 10-та и 11-та позиција.
Иако Расел беше на пол позиција, Ферари имаше подобро тркачко темпо, па Леклер го презеде водството во 31-от круг и лесно направи релативно добра предност од 5 секунди до 40-от круг.
Тогаш сè се промени. Ферари стави бели гуми на болидот на Леклер и покрај претходните докази дека таа смеша не работи добро на Хунгароринг. Тоа ја уништи трката на Моначанецот, по што тој мораше повторно да влезе во бокс.
Тој веќе испадна од конкуренција за победа откако Ферстапен двапати го претекна, дури и со извртување од 360 степени. Од овој момент, победата на Ферстапен беше обезбедена, додека Хамилтон успеа да се искачи на второто место откако го престигна Саинц Јр., а потоа и Расел, а Леклер остана на шестото место.
Минатата година имаше само 18 претекнувања на Хунгароринг, но во 2022 година, со новите регулативи, имаше 65, што претставува значителна разлика.
3. ГОЛЕМА НАГРАДА НА БАХРЕИН
Новата сезона во Формула 1 шампионатот се очекуваше со многу нестрпливост и неизвесност, бидејќи тоа беше почетокот на нова ера. Болиди со значително различен изглед и ветување за повозбудливи трки. Тоа ветување беше исполнето уште на почетокот во Бахреин, каде имавме одличен почеток на 2022 сезоната.
Влијанието на новите регулативи беше јасно уште од почетокот на квалификациите, откако Мекларен беше елиминиран во Q1, додека Хас, кој не освои нити еден поен во 2021 година успеа да влезе во Q3 сесијата, со извонредниот кам-бек на Кевин Магнусен.
Неделната трка исто така донесе повеќе возбудувања и на која беа забележани вкупно 77 претекнувања, но само две повеќе од претходната сезона. Битката што привлече најголемо внимание беше онаа на врвот помеѓу Макс Ферстапен и Чарлс Леклер.
Старувајќи од Пол позицијата, Леклер го загуби водството од Ферстапен во првиот свиок во 17-от круг, пред да го врати само неколку свиоци подоцна. Истата работа се случи и во следниот круг.
Возачот на Ферари намерно не се бореше со Ферстапен на пат кон првиот свиок, бидејќи знаеше дека ќе ја има помошта од ДРС-системот на правецот помеѓу свиоците 3 и 4, каде што Моначанецот два пати го престигна тековниот Ф1 шампион.
Драмата ескалираше при крајот на трката, кога механичките проблеми предизвикаа двојно откажување на возачите на Ред Бул, што по подолго време овозможи 1-2 Победа за тимот на Ферари. Тоа беше возбудлив начин да се започне новата ера на Формула 1.
4. ГОЛЕМА НАГРАДА НА АВСТРИЈА
Само седум дена по Силверстоун Ф1 фановите беа почестени со уште една неверојатно блиска борба на патеката Ред Бул Ринг. Сè започна со саботниот спринт на кој гледавме возбудлива битка меѓу Мик Шумахер и Хамилтон за осмото место.
Таа блиска битка продолжи и во трката, додека Леклер и Ферстапен се бореа за врвот со тоа што возачот на Ферари мораше трипати да го престигне возачот на пол позицијата за да победи на трката.
Покрај сетоа тоа, пет возачи беа во разлика од половина секунда во битката за осмото место во 24-от круг, што вклучуваше двојно претекнување на Ландо Норис.
Инаку, Перез имаше излетување во чакалот во воведниот круг по контактот со Џорџ Расел, додека за да ја надополни целата драма, моторот на Карлос Саинц Јр. експлодираше непосредно пред да го престигне Макс Ферстапен за двојна победа на Ферари.
5. ГОЛЕМА НАГРАДА НА САУДИСКА АРАБИЈА
Макс Ферстапен беше победник на трката за Големата Награда на Саудиска Арабија со својата прва победа сезонава. Чарлс Леклер заврши како втор, со заостанување од само половина секунда. Карлос Саинц Јр. се искачи на третото скалило на подиумот. Серџо Перез, баксуз на денот, безбедносниот автомобил му ја уништи трката, додека беше во водство.
Макс Ферстапен го презеде водството при крајот на 43-от круг, нешто што свесно беше дозволено од Чарлс Леклер за тој да има шанси да си ја врати позицијата на стартно-целниот правец.
Во следниот круг, Макс го повтори нападот, но и двајцата возачи нагло сопреа блокирајќи ги предните тркала како не би излегле напред пред точката за детекција на ДРС-системот. Холанѓанецот направи пауза за да ги излади сопирачките.
Во 47-от круг Макс Ферстапен повторно нападна и го престигна Леклер за да водство во трката. Чарлс Леклер одговори со најбрз круг, но разликата во брзината не беше доволна за да го врати првото место, а во последните два круга немаше шанси за нов обид по развеаните жолти знамиња во првиот свиоки, по дуелот на Алекс Албон и Ленс Строл.
Но во толку блиска борба кој гледа на жолти знамиња, барем таков впечаток се доби пред малите екрани, па така речиси сите возачи кои беа во дуел се најдоа под истрага на стјуардите. По разгледување на телеметријата од болидите на повеќе возачи, стјуардите не казнија никого.
Тоа беа најинтересните пет трки од десега извозените тринаесет од 2022 сезоната, а убедливо најдосадна од сите беше инаугуралната Голема Награда на Мајами
НАЈЛОША ТРКА - ГОЛЕМА НАГРАДА НА МАЈАМИ
Макс Ферстапен ќе остане запишан во историјата на Формула 1 како прв Победник на инаугуралната трка за Големата Награда на Мајами. Обично овој епитет го добиваат трки на кои нема поголема акција и победникот се знае однапред.
Ферари, т.е. Чарлс Леклер не можеше нешто повеќе од второто место, додека Карлос Саинц Јр. се искачи на третото скалило на победничкиот подиум. Серџо Перез кој се наоѓаше на 4-тото место не можеше да ги нападне возачите на Ферари, а дополнително се пожали и на проблеми со Хонда ПЕ во неговиот Ред Бул.
Денес завршува последниот викенд без трка, завршува летната пауза и веќе следниот викенд ќе се одржи Големата Награда на Белгија, со која започнува следот од три последователни Ф1 трки, Белгија, Холандија и Италија.