2022 сезоната траеше 245 дена, од 20 март до 20 ноември и го повтори рекордот по бројот на одржани трки, 22.
Во 2022 година, настапија 22 возачи. На Големите Награди на Бахреин и Саудиска Арабија, Нико Хулкенберг го замени Себастијан Ветел. Алекс Албон ги пропушти саботните тренинзи, квалификациите и трката во Монца поради напад на слепо црево. Тајландскиот возач беше заменет од Ник де Врис.
На тренинг сесиите, десет возачи дебитираа зад воланот на Ф1 болид како дел од тркачкиот викенд. Од нив, само Ник де Врис доби шанса за учество на трка. Останатите возачи се Логан Сарџент, Роберт Кубица, Лиам Лосон, Антонио Џовинаци, Пјетро Фитипалди, Роберт Шварцман, Џек Дуан, Јури Випс, Алекс Палу, Тео Пуршер, Пато О'Вард и Фелипе Друговиќ.
Осум возачи беа во водство на трките и тоа Макс Ферстапен, 616 круга, Чарлс Леклер, 311, Серџо Перез, 147, Џорџ Расел, 99, Карлос Саинц Јр., 72 круга, Луис Хамилтон, 46, Себастијан Ветел, 2 и Фернандо Алонсо еден круг.
Најмногу победи забележа Макс Ферстапен, рекордни 15, а покрај него победија и Чарлс Леклер, 3 пати, Серџо Перез, 2 и по еднаш Карлос Саинц Јр. и Џорџ Расел. Макс Ферстапен беше прв на два спринта, Џорџ Расел на еден. Седум возачи се искачија на победничкиот подиум: Макс Ферстапен, 17 пати, Серџо Перез, 11, Чарлс Леклер, 11, Луис Хамилтон, 9, Карлос Саинц Јр., 9, Џорџ Расел, 8 и Ландо Норис еднаш.
Шест возачи освоија Пол позиција: Чарлс Леклер, 9 пати, Макс Ферстапен, 7, Карлос Саинц Јр., 3, Серџо Перез, Џорџ Расел и Кевин Магнусен по една. Осум возачи забележаа најбрз круг во трка: Макс Ферстапен, 5 пати, Џорџ Расел, 4, Чарлс Леклер, 3, Серџо Перез, 3, Карлос Саинц Јр., Луис Хамилтон, Ландо Норис, 2, Џоу Гуангју, 1.
Најбрзиот пит-стоп во сезоната го направи тимот на Мекларен, сервисирајќи го болидот на Даниел Рикиардо за 1.98 секунди на Големата Награда на Мексико Сити.
Во 2022 година, Макс Ферстапен стана двократен Ф1 шампион, титула обезбедена четири трки пред крајот на сезоната. Тимот на Ред Бул ја освои шампионската титула по петти пат во својата историја. Тимот од Милтон Кејнс ги освои двете титули во иста сезона за прв пат од 2013 година.
На трката за Големата Награда на Британија, Карлос Саинц Јр. ја забележа неговата деби победа во Формула 1, а на трката за Големата Награда на Сао Пауло, тоа го направи и Џорџ Расел.
Во 2022 година, четворица возачи ја забележаа својата прва Пол позиција и тоа: Серџо Перез, Карлос Саинц Јр., Џорџ Расел и Кевин Магнусен. Минатата сезона беше прва во кариерата на Луис Хамилтон во која не победи ниту една трка. Шестото место на крајот од сезоната е најлошиот резултат во кариерата на Луис Хамилтон.
Фернандо Алонсо излезе на првото место во историјата по бројот на трки во кариерата, 356. Себастијан Ветел ја заврши кариерата со 299 стартови на седмото место.
Вилијамс го надмина јубилејот од 800 трки, Мерцедес АМГ, 250, АлфаТаури, 50.
РЕД БУЛ - ШАМПИОНИ
Во првата година по промената на прописите, Ред Бул доминираше во Формула 1 Шампионатот, започнувајќи нова успешна серија, која на ривалите ќе им биде тешко да ја прекинат. Или пак не? Ќе дознаеме следнава 2023 година.
Мерцедес АМГ назадуваше, Ферари грешеше, но освојувачите на првото место во шампионатот на конструктори беа буквално во се пред своите конкуренти. Во 2021 година, тимот се бореше до последната трка за шампионската титула во конкуренција на возачи, забележувајќи ја епската Победа во последниот круг од последната трка од сезоната.
Во тоа време, многумина веруваа дека оваа победа ќе го ослабне тимот, кој постојано работеше на усовршување на својот 2021 болид, но работата на новиот RB18 беше во полн ек. Се покажа дека Ред Бул не го жртвуваше долгорочниот успех заради првата титула на Ферстапен.
Адријан Њуи добро знаеше дека ако успешно ја поминат првата година по промената на правилата, тогаш ќе биде исклучително тешко да ги соборат од пиедесталот. Таква е природата на Формула 1. Кога сезона по сезона сите прават чекор напред, лидерот секогаш останува чекор понапред.
Инженерите на Хонда исто така направија одлична работа, извлекувајќи го максимумот од нивната погонска единица, која во 2022 година беше брендирана како Red Bull Powertrains, иако беше произведена и сервисирана во Јапонија. Плус, Red Bull Powertrains привлече дел од водечките експерти од Мерцедес АМГ, што обезбеди двоен ефект, го ослабна Мерцедес АМГ и го зајакна Ред Бул.
На пред сезонските тест сесии, RB18 беше брз и сигурен, Њуи успеа да ги избегне проблемите со вертикалните осцилации кои ја уништија сезоната на многу од конкурентите.
Но, првата трка кога се менуваат прописите ретко поминуваат без проблеми. Така беше и со Ред Бул. Во Бахреин и двајцата возачи не можеа да завршат поради проблеми со дизајнот на пумпата за гориво. Потоа Ферстапен имаше проблеми со истекување на горивото во Мелбурн.
Но, откако беа решени овие првични детски болести, Ред Бул почна да нижи победи, никогаш повеќе не препуштајќи ја иницијативата на ривалите. На пет од следните шест трки победи Ферстапен, а на една победи неговиот тимски колега, Серџо Перез, по што борбата во суштина беше завршена.
Болидот, Хонда ПЕ и тимот работеа како швајцарски часовник, возачите беа брзи и не правеа грешки, а механичарите повторно беа убедливо пред сите во боксот. Единствено, имаа непријатни проблеми со почитувањето на финансиските регулативи, но, како што беше случајот со моторите на Ферари во 2019 година, работата беше решена со ФИА.
Во германскиот печат се појави информацијата дека Ред Бул ги прекршил финансиските прописи, информации за кои подоцна стана јасно дека "протекле" од шпионот на Мерцедес АМГ во ФИА. Меѓународната Автомобилистичка Федерација брзо реагираше и се заблагодари на услугите на таа личност.
Макс Ферстапен е безусловниот број еден возач во Ред Бул. Но, на крајот од сезоната, кога Макс веќе ја имаше обезбедено титулата и продолжи да победува, Мексиканецот одеднаш се налути. По завршувањето на сезоната, Ферстапен изјави дека одредени возачи треба да се помират со статусот на втор возач, како што тоа го направи Валтери Ботас во Мерцедес АМГ.
Механизмот за успех разработен со години ќе му донесе на тимот многу повеќе победи и никој нема да го промени поради повредената гордост на вториот возач. Така беше со Марк Вебер, така ќе биде и со Перез.
Ред Бул ќе ја започне 2023 година како јасен фаворит. Ферари е ослабен со промена на раководството, Мерцедес АМГ ќе мора да ги реши проблемите со болидот, но шампионите нема да мируваат во место. Можеби за измени во распоредот на силите ќе треба да се почека до следната промена на регулативата, но, тие можат да се случат и многу порано.
Смртта на креаторот и инспиратор на проектот Ред Бул во Формула 1, Дитрих Матешиц, веќе доведе до промени во раководството на компанијата, по што секако ќе следуваат промени во тимот.
Кои ќе бидат тие ќе покаже времето, но новите раководители веројатно имаат поинакви приоритети од двајцата Австријци, Матешиц и Марко, кои го започнаа овој проект и го направија мегауспешен, иако никој не веруваше во него.
2 ФЕРАРИ
Второто место во шампионатот за конструктори е најдобриот резултат на Ферари во последните три години, но сезоната заврши со оставка на Матија Биното. Очекувањата беа големи. Ферари сериозно се подготвуваше за новите регулативи, со надеж дека ќе дојде до предност и ќе ја освои титулата.
Почетокот на сезоната се развиваше во тој правец, но проблемите со издржливоста на Ферари ПЕ и останатите грешки во функционирањето на тимот придонесоа сите напори да бидат без резултат.
На разочарување на тифозите, титулите припаднаа на Ред Бул, а Скудерија остана на второто место, како резултат на што го изгуби Матија Биното како шеф на тимот и технички директор. Ферари ја жртвуваше 2021 сезоната за да потроши максимални ресурси за новото Ферари Ф1-75.
Покрај развојот на целосно нова шасија, беа ревидирани и сите компоненти на ПЕ. Тоа придонесе, во 2022 година, ПЕ на Ферари да бидат едни од најмоќните, ако не и најдобри, но во Формула 1 секогаш постои компромис со издржливоста, која што се покажа дека не е на потребното ниво.
На пред сезонските тест сесии, Ферари Ф1-75 блесна, комплетираше многу кругови, возеше по патеката како по шини. Сите аналитичари ги сметаа за еден од фаворитите за титулите.
Сезоната за Ферари започна со Пол позиција и двојна Победа на првата трка во Бахреин, прва од 2019 година и само четврта од почетокот на хибридната турбо ера. Двајцата возачи на Ред Бул се повлекоа од трката поради проблеми со пумпата за гориво.
На втората трка во Џеда победник беше Ферстапен, но и двајцата возачи на Ферари се искачија на подиумот, а во Австралија победи Леклер, а Макс повторно не ја заврши трката. По три трки, Леклер имаше предност од неверојатни 46 поени пред Макс Ферстапен, кој тогаш изјави дека ќе му требаат 45 трки за да го достигне Моначанецот.
Но, сè се покажа како многу полесно. На следните пет трки Ферари освои 95 бодови, а Ред Бул 244! Макс беше пред Чарлс веќе во Шпанија. Следеше изјавата на Матија Биното, која можеби му ја запечати судбината во тимот, кога изјави дека оваа година Ферари нема да се бори за шампионската титула, дека тоа е работа на иднината. А пред тоа изјави дека Ферари може да победи на сите преостанати трки.
Пред трката за Големата Награда на Франција, Ферари беше побрз, иако резултатите не секогаш го покажуваа тоа поради проблеми со издржливоста. Леклер постојано освојуваше Пол позиции, но на трките Ред Бул беше тимот, кој поради подобрата стратегија и издржливост, завршуваше со подобар пласман.
Двата тима донесоа нов под во Франција. Ред Бул сакаше да го префрли центарот на аеродинамичниот притисок на задните тркала со цел да користи помало задно крило со истиот баланс и да ја зголеми брзината на правците. По ова Ферари само на две патеки од 11 постигна подобар резултат од Ред Бул.
Но, не се работеше само за брзината. Ферари понекогаш носеше апсолутно неверојатни стратешки одлуки, така што во текот на сезоната многумина се прашуваа: Што ќе смислат стратезите на Ферари за да не победат на трката. Ретко поминуваше трка без изненадувања од Италијанците, а во Ред Бул, напротив, делуваа прецизно и ефикасно, освојувајќи победа по победа.
Потоа се подобрија и во тимот на Мерцедес АМГ и за малку ќе се пласираа пред Ферари во шампионатот за конструктори. Бројот на победи на трките беше јасно инфериорен во однос на бројот на освоени пол позиции. Од тимот се очекуваше многу повеќе.
Гласините дека Биното ќе ја напушти функцијата се појавија за време на летната пауза и со секое следно промашување на патеката, разделбата стануваше се понеизбежна. Сепак, во средината на ноември, Ферари официјално ги демантираше гласините за заминувањето на Биното, за две недели подоцна самиот тој да поднесе оставка, заминувајќи од тимот со кој мина 28 години.
По неколку недели, Фредерик Васер беше назначен на местото тимски шеф. Последен пат тимот постигна голем успех кога беше предводен од Французинот Жан Тод, Британецот Рос Браун и Јужноафриканецот Рори Бирн.
Потоа имавме след на Италијанци: Стефано Доменикали, Марко Матијачи, Маурицио Аривабене и Матија Биното. Новиот лидер на тимот, Фредерик Васер, е Французин, како и Жан Тод. Дали може да успее? Одговорот ќе го даде веќе следнава 2023 сезона, но сигурно не е лесна работа да се води тим како Ферари.
3 МЕРЦЕДЕС АМГ
Во 2022 година, Мерцедес АМГ ја заврши сезоната на третото место во шампионатот за конструктори, што е нивни најлош резултат од 2012 година.
Сериозните промени во прописите за 2022 сезоната, влијаеа на перформансите на шампионскиот тим 8 години по ред. Тимот интензивно се подготвуваше за новата сезона и беше сигурен дека изградил конкурентен болид, но веќе за време на традиционалното претставување во Силверстоун, се покажа дека W13 не се однесувал онака како што покажувале теоретските пресметки.
На тест сесијата во Барселона, стравувањата беа потврдени, но тимот подготвуваше целосно нова верзија на W13 речиси без странични отвори за ладење, која требаше да донесе сериозен напредок.
Но и по промената на аеродинамиката ништо не се смени, W13 не беше побрз, по што стана очигледно дека Мерецедес АМГ ќе има проблеми. Клучниот проблем беа вертикалните осцилации, кои што Адријан Њуи во Ред Бул можеше да ги предвиди од искуството од минатите години, но инженерите на Мерцедес АМГ, како и на повеќето други тимови не ги зедоа во предвид.
За да се намалата овие осцилации, беше неопходно да се зголеми висината на амортизацијата, што нагло ја намали ефикасноста на аеродинамиката, бидејќи најголемиот дел од потисната сила во 2022 година беше генерирана од вентури каналите во подот на болидите.
Решавањето на неочекуваните проблеми со вертикалните осцилации ги зафаќаше речиси сите расположиви ресурси на тимот. W13 не беше бавен, но неговото функционирање без појава на осцилациите беше исклучително тешко да се постигне.
Колку и да се трудеа инженерите, болидот продолжуваше да осцилира, не обезбедувајќи ја потребната стабилност.
Дебитантот во тимот, Џорџ Расел подобро се адаптираше на "тврдоглавоста" на W13, не беше инфериорен во однос на Хамилтон, а често и беше подобро пласираниот возач на тимот. Но,со доаѓањето во Мерцедес АМГ тој се надеваше да победува на трки и да се бори за титулата.
Победата дојде подоцна, во Сао Пауло, кога тој го освои единствениот победнички пехар во 2022 сезоната, при тоа завршувајќи на четвртото место кај возачите, што е неговиот најдобар резултат во кариерата.
Луис Хамилтон остана со второто место како најдобар пласман. Тој девет пати стигнуваше до подиумот, но не можеше да победи, прекинувајќи ја серијата што ја имаше од почетокот на неговата кариера во Формула 1, да победи барем на една трка во секоја Формула 1 сезона. Јасно е дека неговите цели за сезоната беа многу повисоки од шестото место во поредокот на возачи.
Тешко дека сите проблеми со болидот ќе се решат во 2023 година, а ривалите нема да застанат во место., особено тимот на Ред Бул. Мерцедес АМГ можеби има шанса во борбата против Ферари, со оглед на кадровските и организациски промени во тимот, но ќе биде многу потешко да се стигне до победничкиот болид на Ред Бул до следните големи промени во регулативата. Времето ќе покаже.
4. АЛПИН
Тимот на Алпин веќе неколку години се движи на границата од четврто/петто место кај конструкторите, без можности за нешто повеќе. Сезоната 2022 година донесе четврто место, но ниту еден победнички подиум.
Пред почетокот на сезоната, ниту еден од аналитичарите не го ставаше тимот на Алпин на четвртото место, со оглед на промените во регулативата, проблемите со недостигот на моќност на Рено ПЕ и постојаните промени во раководството.
На многумина им се чинеше дека нивните ривали ќе постигнат повеќе, но една од предностите на тимот беа два брзи, стабилни и искусни возачи. Фразата дека "нашите возачи меѓусебно се мотивираат" често се сфаќа како клише, но Окон и Алонсо навистина се бореа меѓусебно искористувајќи ги сите свои можности.
Однадвор оваа тензија не беше секогаш забележлива, вешто ја криеја, но на крајот од сезоната раководството на тимот по уште еден инцидент им се закани дека ќе ги отпушти и двајцата. Дуел кој доведе до заминување на еден од возачите.
Во тимот дојде нов тимски шеф, Отмар Шафнауер, кој го донесе своето долгогодишно практично искуство и донесе австриски спонзор, BWT, кој освен по чистата вода, е познат и по тоа што ги обојува розово сите проекти во кои учествува.
Тимот имаше стабилна сезона, но со скромни резултати. Првите три тима беа целосно недостижни, Мерцедес АМГ освои 515 бода на третото место наспроти 173-те за Французите. Најдобриот резултат на Алпин беа 18-те освиоени поени во Сузука, каде Окон заврши четврти на дождот, а Алонсо седми.
Дотогаш Алонсо веќе знаеше дека ќе го промени тимот, а Алпин успеа да преживее сериозна правна криза која ја забавуваше јавноста, но не и тимот за време на летната пауза.
Естебан Окон имаше повеќегодишен договор, се преговараше за продолжување со Алонсо и Шпанецот отворено рече дека нема да си оди од тимот. Немаше место за Оскар Пјастри, талентиран млад возач во кој се вложија многу средства за што подбар настап во Формула 1.
Алпин се обидуваше да најде место за младиот Австралиец, но немаше сериозни опции. Како резултат на тоа, Австралиецот и неговиот менаџер, Марк Вебер, почнаа сами да преговараат, а летото, без да го известат раководството на Алпин, потпишаа договор со Мекларен, по консултација со адвокатите.
Тие беа убедени дека клаузулите во договорот на Пјастри со Алпин му дозволуваат да го напушти тимот без последици. Алпин потоа го отпушти директорот за правни работи Бенедикт Мерсер, кој го подготви овој договор.
Алонсо и Шафнауер преговараа за продолжување на договорот, но нивниот тек не му се допадна на Шпанецот. Отмар му понудил договор за една година, објаснувајќи дека Шпанецот повеќе не е млад. Ова не му се допадна на Фернандо, па заминувајќи од Унгарија, го извести тимот дека преговорите ќе продолжат, а веќе следното утро дојде соопштение од Астон Мартин дека во 2023 година Алонсо ќе го замени пензионираниот Себастијан Ветел.
Во тимот на Алпин останаа со "спуштени гаќи". Неочекуваното заминување на Алонсо, ги натера брзоплето да објават дека Пјастри ќе го замени Шпанецот во 2023 сезоната, но еден час подоцна, самиот Оскар објави дека во никој случај нема да вози за Алпин.
Одборот за ратификација на договори потврди дека Пјастри е возач на Мекларен. На крај, Пјер Гасли беше доведен во тимот како замена за Алонсо, па следната сезона Алпин ќе има француски возачки тандем.
Ова би можело да го привлече вниманието на француските спонзори, но од календарот отпадна Големата Награда на Франција, а без тој настан ќе го нема и посакуваниот интерес.
За сите останати приближно е јасно зошто се во Формула 1. За некого ова е бизнис, за некого слава, за други историска традиција. За Алпин, ниту едното, ниту второто, ниту третото. Но, тие трошат многу пари, се борат и постигнуваат добри резултати. Во 2022 година, тимот на Алпин се покажа како најдобар од останатите.
5 МЕКЛАРЕН
Очекувањата беа многу поголеми, но амбициите на Зак Браун не секогаш се совпаѓаат со реалноста. Петтото место во првенството на конструктори е најлошиот резултат во последните четири години.
Зак Браун долго време го молеше Даниел Рикиардо да премине во Мекларен. Американецот мислеше дека насмеаниот Австралиец е совршен за новиот имиџ на тимот, кој ја врати оригиналната папаја боја на болидите, и никој не се сомневаше во неговата брзина.
По две сезони во Рено, Даниел Рикиардо реши да премине во Мекларен, но тимот не можеше да му обезбеди болид, каков што го имаше во Ред Бул, па Австралиециот не можеше да се прилагоди на постоечкиот болид. Петтото место во шампионатот на конструктори е директна последица на неговата возачка криза.
Ландо Норис доминираше во текот на сезоната. Британецот беше седми, најдобар од останатите, губејќи само од возачите на трите најсилни екипи. Целта беше поставена кон четвртото место во шампионатот за конструктори, но тоа не беше можно да се постигне само со еден болид.
Болидот се покажа како тежок за управување и поставување, а проблемите со сопирачките кои се појавија за време на тестовите и на првата трка неочекувано го отфрлија тимот назад на табелата. Андреас Зајдл , тимскиот шеф, подоцна призна дека на Мекларен му недостасуваат инженерски ресурси за да се справи со повеќе задачи одеднаш.
MCL36, поради недостаток на потисна сила, беше инфериорен во бавните свиоци, а недостигаше и механички грип што влијаеше на работата со гумите на Пирели, кои не можеа да бидат доведени до работната температура во квалификациите. Се покажа дека тоа е маѓепсан круг, од кој не беше лесно да се излезе.
Дополнителен проблем беше тежина на болидот, па инженерите на Мекларен мораа да го намалат дури и волуменот на шишето за вода на возачите. Мекларен подготви поголеми надградби за Големата Награда на Шпанија, но тоа не влијаеше на рамнотежата на силите.
Мекларен се бореше со тимот на Алпин за четвртото место во шампионатот на конструктори, но на крај за нив заврши без успех.
Една од причините беше и слабата форма на Даниел Рикиардо, па гласините дека Австралиецот ќе биде заменет се појавија веќе во април. Од страна на возачот беше демантирано дека ќе напушти тимот пред завршување на неговиот договор, т.е. до крајот на 2023 година.
На 24 Август тимот и возачот го потврдија предвременото раскинување на договорот на крајот на сезоната, а на 2 Септември се дозна дека Даниел ќе биде заменет со младиот сонародник Оскар Пјастри.
Ќе биде многу интересно да се гледа борбата на тимските колеги во Мекларен во 2023 година. По завршувањето на сезоната си замина и тимскиот шеф, Андреас Зајдл, привлечен од можноста да го води проектот за влез на Ауди во Формула 1.
Зак Браун, извршниот директор на Мекларен, изјави дека Андреас однапред го известил за плановите да се приклучи на Заубер/Ауди, но дури во 2025 година откако ќе му истече договорот со Мекларен.
Меѓутоа, кога се дозна за преминот на Фредерик Васер од Заубер во Ферари, Зајдл побарал предвремен раскин на договорот од Браун. Па така, од следната 2023 година, местото на тимски шеф на Мекларен ќе му припадне на Андреа Стела, 51-годишен Италијанец кој ја започна својата кариера во Ферари во тркачката инженерска група на Михаел Шумахер, а потоа работеше како тркачки инженер на Кими Раиконен и Фернандо Алонсо.
6. АЛФА РОМЕО
Шестото место на Алфа Ромео во 2022 година е повторување на најдобриот резултат во историјата на брендот и најдобриот резултат на Заубер во последните десет години.
Тимот, за 2022 година, целосно го промени својот возачки тандем. Кими Раиконен се пензионираше и беше заменет со Валтери Ботас од Мерцедес АМГ, а отпуштениот Антонио Џовинаци беше заменет со Џоу Гуанју, првиот кинески возач во Формула 1.
Двајцата се снајдоа добро, па тимот постигна многу подобри резултати отколку во 2021 година. C42, создаден под раководство на техничкиот директор Жан Моншо, беше еден од ретките без прекумерна тежина, што обезбеди клучна предност на почетокот на сезоната.
Додека нивните ривали од среднината на поредоко се мачеа со проблемите на своите болиди, Алфа Ромео постојано освојуваше поени. Првите девет трки им донесоа 51 поен, а останатите 13 трки само четири. За жал, неуспехот во вториот дел од сезоната не можеше да се избегне.
Ривалите напредуваа, додека Алфа Ромео не можеше да го следи нивниот развој и напредок, па на некои фази болидот беше инфериорен дури и во однос на Вилијамс. Но, тоа беше стратегијата. Откако освои доволно поени на почетокот на сезоната, тимот се префрли на други задачи, сфаќајќи дека конкуренцијата ќе чини премногу.
Алфа Ромео беше категорично против зголемување на буџетската граница во текот на сезоната. Фредерик Васер не ја сметаше инфлацијата за виша сила, повикувајќи ги ривалите да се придржуваат до претходно усвоените ограничувања, што на крајот беше направено.
Договорот со Ауди е главниот настан за Заубер во 2022 година. Името, Алфа Ромео ќе постои во Формула 1 уште една сезона, а потоа швајцарскиот тим на Питер Заубер, ќе стане фабрикчки тим на Ауди.
Фредерик Васер стана шеф на тимот на Ферари, додека Андреас Зајдл, кој дојде од Мекларен, стана новиот шеф на групацијата Заубер, и тој ќе го води проектот на Ауди во Формула 1.
7. АСТОН МАРТИН
По четврти пат во пет години, Астон Мартин(Рејсинг Поинт, Форс Индија) ја заврши сезоната на седмото место во шампионатот за конструктори, и покрај милионските инвестиции, доаѓањето на четирикратниот шампион и најдобрите инженери од другите тимови.
Канадскиот милијардер, Лоренс Строл, има амбициозни цели со тимот на Астон Мартин. Тој го откупи тимот на Форс Индија во 2018 година, а во 2020 година стана сопственик на брендот Астон Мартин, преименувајки го тимот и вложувајќи многу во неговиот развој.
Во следните месеци, се подготвува да ја пушти во употреба новата база на Астон Мартин, прва во Велика Британија од пуштањето во употреба на технолошкиот центар на Мекларен во Вокинг.
Лоренс е еден од почитуваните луѓе во падокот. Сите знаат дека тој е сериозно заинтересиран за Формула 1 и планира даостане во спортот долго време, од друга страна остануваат смирени, бидејќи се додека Астон Мартин не ги загрозува лидерските позиции, тогаш нема за што да се грижите.
Сè изгледаше добро на тест сесиите, но како што започна сезоната, се покажа дека на Астон Мартин му недостигаше брзина, а Себастијан Ветел, кој ја пропушти првата трка, беше заменет со Нико Хулкенберг. Тимот ги забележа првите бодови дури на четвртата трка во Имола, двајцата возачи завршија во Топ 10 пласман.
Поради карактеристичните проблеми со надградбите во 2022 година, Астон Мартин ја зголеми висината на амортизацијата, губејќи речиси една секунда по круг поради тоа, и додека се обидуваа да го решат овој проблем, ривалите одеа напред.
Во услови на ограничен буџет беше речиси невозможно да се надомести, што го предодреди исходот на сезоната. Не може да се каже дека тимот застана, во првата полусезона се подготвуваа нови ставки за речиси секоја трка, но тие не донесоа никаков ефект.
Како и за многумина, резултатите на Астон Мартин во 2022 година зависеа од тоа дали пневматиците на Пирели можат да бидат доведени до нивниот оптимален работен прозорец. Најчесто тоа не беше возможно. Тие беа единствениот тим кој мораше да комплетира неколку круга на новите сетови на гуми за време на тренинг сесиите, како тие би работеле подобро за време на трките.
Најуспешната трка на Астон Мартин беше во Сингапур, каде што Строл заврши на шестото место, а Ветел беше осми, заработувајќи 12 поени за тимот да се искачи на седмото место во шампионатот за конструктори.
Без сомнение, најдобар момент во сезоната за Астон Мартин беше разделбата со Себастијан Ветел, која беше многу достоинствена. Следната година партнер на Ленс Строл ќе биде Фернандо Алонсо.
Шпанецот секогаш зборува и постапува како што му одговара, избегнувајќи непотребна политичка коректност, па на Ленс ќе му биде тешко. Во 2022 година заработи половина поени од "опуштениот" Ветел, па Фернандо би требало да доминира во претстојната сезона во оваа двојка.
Сепак, политиката е деликатна работа. Иднината на Ленс во тимот е загарантирана, освен ако тој самиот не одбие, а Фернандо ќе стане најстариот возач во Формула 1 во 2023 година.
8. ХАС
Во 2021 година, Хас се бореше за опстанок на тимот, што го направија со помош на двајцата дебитанти и нивните спонзори, пред се на таткото на Никита Мазепин, па сезоната се покажа како најлоша во историјата. Во 2022 година се врати искусниот Кевин Магнусен и резултатите веднаш се подобрија.
Зимските тест сесии ги започнаа со Никита Мазепин и Уралкали како главен спонзор, но, тимот ги прекина односите со Русинот и неговите пари. Буквално, во рок од три дена успеаа да се договорат со Кевин Магнусен.
Потег со кој тој и тимот не зажалија. Веќе на првата трка од сезонава Данецот забележа 10 поени за Хас. Во Бахреин, Магнусен се покажа како најдобар од останатите, губејќи само од Ферари и Мерцедес АМГ, иако возачите на Ред Бул не ја завршија трката. Потоа имаше уште два бода на следната трка во Џеда, каде што не стартуваше поради тешкиот инцидент на квалификациите, предизвикан од негова грешка.
Од Мик се очекуваше многу оваа година, бидејќи секогаш тој беше далеку подобар во втората сезона при промена на шампионатите, доаѓајќи во Ф3, потоа од Ф3 во Ф2. Тимот немаше дополнителни пари, но веќе по втората трка мораше да составува нова шасија за него.
За жал за Мик и неговата кариера, ова не беше последен инцидент, тој продолжи да уништува болиди. Тој беше инфериорен во однос на искусниот Магнусен и се обиде да го компензира тоа со преземање повеќе ризици на патеката. Во средината на сезоната, на сите им беше јасно дека Мик ни приближно ги нема квалитетите на својот татко.
Во Бразил, Хас го извести Мик Шумахер дека неговиот договор нема да биде обновен. Тимски колега на Кевин Магнусен во 2023 година ќе биде искусниот Нико Хулкенберг. Тој ќе го задржи присуството на Германија во Формула 1 по заминувањето на Ветел и Шумахер.
Целите на овој тим остануваат освојување на што повеќе поени, и никој не очекува повеќе од скромниот американски тим.
Гинтер Штајнер по средба со Матија Биното изјави дека тој му кажал дека моторот на Ферари за следната сезона ќе биде "бомбастичен". Кевин Магнусен им донесе Пол позиција и сега следна нивна цел е првата победа во Ф1 шампионатот.
9. АЛФАТАУРИ
Тимот ја имаше најлошата сезона во Формула 1 во изминатите пет години во шампионатот за конструктори.
Поради промената на регулативите, АлфаТаури не можеше да користи делови од минатогодишниот болид на Ред Бул како основа за развој, па требаше да развива болид од нула. Од сестринскиот тим инженерите ги добија само менувачот, хидрауликата и задната амортизација.
На почетокот на сезоната се чинеше дека се е во ред. Отсуството на сериозни проблеми и добрите резултати од тест сесиите поттикнаа оптимизам во тимот. Пјер Гасли дури не еден од тест деновите го имаше најбрзото време, а новиот болид извозе 3500 километри.
Но, проблемите се појавија веќе на првите трки. Во Бахреин, болидот на Гасли се запали, а во Саудиска Арабија, тимот загуби два мотори во болидот на Цунода од само три дозволени да се користат во текот на целата сезона. Покрај тоа и брзината не беше на посакуванотот нив.
Тимот ја започна сезоната со болид со прекумерна тежина од 12-13 кг, губејќи само поради ова околу две десетинки по круг и тоа кога има тесна битка во средината на поредокот. Во текот на сезоната, не беше можно значително да се намали тежината на болидот.
Да се вози болид со таква дополнителна тежина е како да трчаш со тежок ранец на грб. Прекумерната тежина ги прегреваше гумите, што доведуваше до нивна прекумерна деградација, а со тоа и дополнителну губење на брзина.
Во првите осум трки тимот забележа 27 поени, но во следните четиринаесет, само осум. Постојат неколку причини. Една од нив е губењето на мотивацијата и она што е најважно, АлфаТаури престана да биде депо на Ред Бул.
За следнава 2023 година Пјер Гасли ќе биде заменет со Ник де Врис, шампион во картинг и Формула Е. По смртта на Дитрих Матешиц, се шпекулира дека новото раководство на Ред Бул нема голем интерес за вложување воовој тим и дека тимот ќе хибернира и ќе биде понуден на продажба.
На почетокот Торо Росо беше потребен за да се добие повеќе гласови во гласањето, потоа стана врв на младинската програма, а со преименувањето во АлфаТаури почна да промовира моден бренд. Каква иднина го очекува овој тим ќе покаже времето.
10. ВИЛИЈАМС
Првата сезона по промената на сопствениците случајно на Вилијамс му го донесе осмото место во шампионатот за конструктори, но во 2022 година тимот падна на вообичаената последна позиција на табелата.
Во Формула 1, првото и последното место често се најстабилн, ако тимот доминира, тогаш тоа може да треа подолго време, а ако е инфериорен во сите погледи, тогаш ќе биде последен долго време.
Џорџ Расел се пресели во Мерцедес АМГ и беше заменет со Алекс Албон кој доби зелено светло од академијата на млади возачи на Ред Бул. Николас Латифи остана во тимот и трета, последна, сезона според договорот, со кој неговото семејство помогна во финансирањето.
Канаѓанецот ја одигра својата улога, дозволувајќи му на тимот да опстане во тешкиот период на економска криза, па време беше сите да го направат следниот чекор. Покрај тоа, Логан Сарџент стана член на младинската програма.
Тимот не обрна доволно внимание на развојот на FW44. Вертикалните осцилации, лошиот баланс и високата деградација на гумите беа тешко решлив проблем. Кога беше можно да се доведат гумите во оптимален режим на работа, болидот им дозволи да се борат со ривалите во средината на поредокот, во спротивно, возачите на Вилијамс останаа далеку на последните места на табелата.
Како и многумина, и тие имаа проблеми со прекумерната тежина на болидот, што се покажа како невозможно да се реши во текот на сезоната, со оглед на ограничениот буџет. По одредено време, голем дел од болидот на Вилијамс беше без обојување (и така немаше многу спонзори), за да тежи што помалку. Сепак тоа ништо не промени.
Во текот на сезоната, болидот речиси и да не беше надградуван, а првите новитети се појавија во Силверстоун и Австрија. Но, и нивните ривали не стоеа во место, така што односот на силите не се промени.
Возачите на Вилијамс изминатата сезона ја оценија на различни начини. Алекс Албон рече дека ја имал најдобрата сезона во кариерата, но Николас Латифи сезоната ја оцени како најлоша од трите поминати во тимот.
Канаѓанецот од богато семејство не успеа да направи сериозен напредок за три години, па набрзо се дозна дека неговиот договор нема да биде обновен и оваа одлука никого не изненади.
Вкупниот резултат на тимот достигна осум поени. Најблискиот ривал на Вилијамс, деветтопласираниот АлфаТаури, имаше 35 бода на крајот од сезоната. Во 2023 година, тимски колега на Албон ќе биде младиот и перспективен Логан Сарџент, првиот американски Формула 1 возач по Александар Роси во Манор во 2015 година.
Сарџент ја заврши сезоната во Формула 2 на скромното четврто место, повеќе од сто поени зад победникот, но овој резултат му ги обезбеди потребните бодови за супер лиценцата. Вилијамс признава дека ризикува потпишувајќи договор со дебитант, но сака да го направи следниот чекор, да едуцира свој тркач на кој може да се потпре во иднина.
Дополнително, појавата на американски возач ќе привлече американски спонзори, со оглед на трите американски трки во календарот за следната сезона. Интересот е обостран, па дури и взаемно корисен.
Јост Капито, тимскиот шеф и Франсоа-Ксавиер Демасон, техничкиот директор ги напуштија своите позиции неколку недели по крајот на сезоната. Тимот не ја именуваше причината за нивното заминување и вети дека наскоро ќе именува нови лица на нивните позиции.
ТИМ ПО ТИМ: РЕВИЗИЈА НА 2022 Ф1 СЕЗОНАТА
12/25/2022 05:12:00 PM
0
Share to other apps