Новата 2024 година започна со тектонски промени во тимот на Хас Ф1. Гинтер Штајнер присилно се збогуваше со американскиот тим, по една деценија на чело, а неговата улога на тимски шеф му е доделена на Ајао Камацу.
Ненадејното заминување на Штајнер од тимот се должи на несогласувањата со Џин Хас, поточно за патот што тимот треба да го следи во однос на инвестициите.
Негов наследник, Јапонецот Ајао Комацу, кој е во тимот од 2016 година, дојде во Хас преку Роман Грожан, бидејќи беше негов тркачки инженер во тимот на Лотус, и оттогаш напредуваше во редовите на американскиот тим.
Во втор план остана заминувањето на Симоне Реста. Италијанецот се одлучи да ја напушти функцијата технички директор на Хас, тим во кој се приклучи во јануари 2021 година.
Според информациите со кои располага италијанскиот печат, тој се одлучил за промена на насоката во која ќе се движи неговата кариера и засега има неколку отворени понуди.
Кога пристигна во Хас, Реста имаше договор со Ферари и беше на позајмица во тимот предводен од Гунтер Штајнер.
Но, се чини дека, три години подоцна, тој не се чувствувал мотивиран во американскиот тим, иако со тоа веројатно има врска и последното место во шампионатот на конструктори.
Досегашниот технички директор на клиентскиот тим на Ферари потроши голем дел од буџетот за развој на првата верзија на VF-23, која беше брза во еден круг, но немаше тркачко темпо. Од друга страна, Џин Хас имал мислење дека треба да се огледаат на Ред Бул.
Се уште не се знае кој ќе биде следниот чекор во неговата кариера, иако се чини дека има две опции. Едната би била дека ќе продолжи да носи црвено и да започне нов циклус во Маранело, тим на кој се приклучи во 2001 година, со една година помината во тимот на Алфа Ромео како технички директор.
Втората опција би била трансфер во тимот на Ауди каде би работел на болидот за 2026 година, време кога започнува нова ера во историјата на Формула 1.
Шпекулациите велеа дека Џин Хас, сопственикот на Хас Ф1, се подготвува да го продаде тимот на Андрети и Кадилак, но тој изјави дека не планира да се ослободи од тимот, бидејќи не влегол во Формула 1 за да продава.
"Не влегов во Формула 1 за да го продадам тимот. Го направив тоа затоа што сакав да се тркам. Гинтер ја имаше истата перспектива. Ние не сме тука да заработуваме пари, сакаме да се тркаме и да бидеме конкурентни. Ако погледнете кој било тим, историски имаа многу добри и многу лоши години."
"Губењето на Гунтер ќе го натера тимот да се фокусира на други аспекти. Се надеваме дека ќе биде подобро. Постои перцепција дека трошиме многу помалку пари, но во основа сме до 10 милиони долари пократки од максималниот буџет. Едноставно, мислам дека не правиме добра работа со трошењето на тие пари."
"Мораме да се подобриме. Полесно е да ги задржиме спонзорите и да привлечеме нови ако сме тим од среднината на табелата, а не долниот дел. Тоа е мојата перспектива."
"Имаме одличен тим, одлични мотори и одлични возачи. Нема причина зошто сме десетти. Не можам да разберам како можеме да бидеме последни со целиот тим и луѓе што ги имаме."
"Не баравме тимски шеф надвор од тимот, единствена опција беше некој од нашиот тим, некој кој има големо искуство. Ајао е во тимот уште од првиот ден, тој ги знае работите. Мојата најголема грижа е дека кога ќе стигнеме во Бахреин, мораме да имаме целосно подготвен болид за тркање."
"Мислам дека Гинтер имаше почовечки пристап кон сè што е поврзано со луѓето и неговиот начин на интеракција со нив беше многу добар. Ајао е техничар, тој ги анализира работите врз основа на статистика: ова е она што го правиме погрешно, каде што можеме да направиме подобро."
"Тоа е поинаков пристап. Навистина ни треба нешто поинакво, бидејќи не ни оди толку добро. Како што реков, се сведува на осум години на последното место. Не можам да кажам ништо повеќе за тоа."
"Не велам дека за се е виновен Гинтер, но се чини дека ова беше вистинското време да се направи промена и да се обидеме во друга насока. Тоа е, ми се допаѓа Гинтер, тој е многу добра личност, многу добра личност."
"Имавме тежок крај на годината. Не го разбирам тоа, навистина не разбирам. Тоа се добри прашања за Гинтер, што тргна наопаку. На крајот на денот, на крајот на краиштата, се работи за перформанси. Повеќе не ме интересира да бидам десетти."
Соопштението за медиумите во кое Хас Ф1 го објави отказот на Гинтер Штајнер беше изненадување за многумина, со оглед на тоа што тоа се случи на помалку од два месеци пред почетокот на сезоната.
Уште поизненадувачки беше тоа што тимот не му даде можност на самиот Штајнер да даде било каква изјава. Згора на тоа, извори во Хаас тврдат дека пред отказот на Гинтер не му била дадена можност да се збогува со тимот, што не им се допаднало на многу вработени.
Сите овие факти укажуваат на сериозни несогласувања меѓу Гинтер Штајнер и сопственикот на тимот Џин Хас. Тимот не напредуваше во последните години, но тешко е да се разбере причината без инсајдерски информации.
Штајнер имаше кратка објава на социјалните мрежи: "Срамота е и тажно да се напушти тимот на ваков начин, но им посакувам се најдобро во иднина. Ако некој тим заслужува успех, тоа се тие. Секогаш ќе навивам за Хас."
Ретки се случаите кога непосредно пред почетокот на сезоната од тимот заминуваат тимскиот шеф и техничкиот директор, но токму тоа се случи со Хас Ф1 за само неколку дена.
Формално, причините се поврзуваат со лошите резултати, но некои шпекулации велат дека имало проблеми и со новиот болид. (Дали ова е лоша вест и за Ферари?!?)
Штајнер беше главен двигател во создавањето на овој тим, тоа буквално беше негова идеја, финансирана од Џин Хас. Секако, Италијанецот заслужува пофалби за целата негова напорна работа и труд вложен во овој тим. Останува на времето да покаже дали со ова американскиот тим загуби многу или нештата ќе тргнат во подобра насока.
СИТЕ ДЕТАЛИ ОКОЛУ ЗАМИНУВАЊЕТО НА ГИНТЕР ШТАЈНЕР
1/11/2024 09:14:00 PM
0
Share to other apps