85 годишната историја на моторни трки била сведок на многу рекордни подвизи и моменти на спортска слава. Сите познати тркачки легенди минале низ познатата Баден траса, гледани од страна на милиони посетители на трибините, но исто така и од фановите низ целиот свет преку многуте телевизиски преноси од патеката.
Хокенхајм е една од ретките патеки со традиција, која лесно им конкурира на новите модерни патеки, и уште припаѓа во врвот на меѓународните тркачки патеки. Формула 1 трка за прв пат се одржала тука во 1970 година, и е еден од најголемите национални спортски настани за Германија. Барем така беше низ историјата, дали тоа ќе остане и во иднината останува да видиме.
Денешниот распоред на патеката за прв пат беше употребен во 2002 година, кога долгите правци кои поминуваа низ густата шума беа отфрлени, па денес таа е нешто пократка од 5 километри во должина.
Сепак, Хокенхајм нуди комбинација на спори, средно-брзи и свиоци кои се поминуваат со големи брзини. Последниот сектор е оној што може да создаде тешкотии на гумите. За оваа година наместо три ќе имаме две ДРС зони.
Хокенхајм спаѓа во брзите патеки, слична по својата поставеност на неодамна посетената Ред Бул ринг, благодарение на низата од средно-долги правци во првата половина од кругот, на кои болидите ќе забрзуваат над 300км/ч, за на крај да следуваат зони на нагло сопирање.
Главната можност за претекнување е шестиот свиок, каде болидите се приближуваат со брзина поголема од 330км/ч, по што следи забавување од 6G, за да се стигне до безбедните 75км/ч за поминување на истиот.
Силното сопирање и повеќето тркачки линии низ овој свиок се главните фактори за претекнување. Вториот дел од патеката е далеку побавен, со што се создава простор за интересни компромиси при подесувањето на болидите.
Со оглед на претходно споменатите карактеристики на оваа патека, од Пирели се решија да ги донесат средните смеши од 2019 палетата и тоа C2 како Бели, тврди, C3 како Жолти, медиум, и C4 како Црвени, меки. Ова е во голема мерка еквивалентно на минатата година, кога беаноминирани медиум, меката и ултра-меката смеши за 2018 година.
Минатата година, дождот направи стратегијата да биде невозможна да се предвиди. Возачот на Мерцедес АМГ, Луис Хамилтон, победи со едно застанување во бокс (единствениот возач во Топ 6 пласманот што запре само еднаш), кога од меките гуми премина на ултра-меки. Исто така имаше и влегување на безбедносното возило, а Макс Верстапен заврши на четврто место, и покрај тоа што трипати влегуваше во бокс.
Историски гледано, веројатноста за безбедносен автомобил е околу 50%. Новиот севкупен рекорд на патеката беше забележан минатата година од страна на Себастијан Ветел во квалификациите, но, рекордот на патеката во трка се уште е од 2004 година, благодарение на Кими Раиконен и Мекларен-Мерцедес.
Најважно ќе биде менаџирањето на задните гуми, на место каде е се во сопирањето и доброто "лепење" на болидот врз асфалтот. Површината на истиот е доста мазна, така што не се очекува посериозно абење или деградација на гумите.
Времето во Германија во ова време од годината е познато по својата непредвидливост, со можност за сонце и пороен дожд. Се ова важи и за оваа година кога во петок се очекуваат рекордни 38 степени целзиусови, за веќе во сабота температурите да паднат за 10-тина степени и со 50% можност за дожд за неделната трка.
ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА ЗА ВИКЕНДОТ | |||
СЕСИЈА | ВРЕМЕ | ПРОГНОЗА | |
ТРЕНИНГ 1 | 11:00-12:30 MK | Претежно Сончево, 35/39°C | |
ТРЕНИНГ 2 | 15:00-16:30 MK | Претежно Сончево, 38/40°C | |
ТРЕНИНГ 3 | 12:00-13:00 MK | Делумно Облачно, Дожд 25/32°C | |
КВАЛИФИКАЦИИ | 15:00-16:00 MK | Делумно Облачно, 29/32°C | |
35% шанси за дожд | |||
ТРКА | 15:10 MK | Претежно Облачно, 23/26°C | |
50% шанси за дожд | |||
Извор: Accuweather | |||
@МкФормула1 - Република Македонија @MkFormula1 - Republic of Macedonia |
Кога веќе нема голема борба за врвот на табелите, викендов ќе помине во прославата на 125-годишнината на мотоспортот, при што болидите на Мерцедес АМГ ќе имаат специјален изглед на Хокенхајм. Големата Награда на Германија ќе го одблежи и 200-от старт на тимот во Формула 1.
Специјалниот изглед е почит кон дизајнот на класичните Мерцедес-Бенц тркачки автомобили од подалечното минато на компанијата. Предното крило и носот на болидот се обоени бело, слично на дизајнот на тркачките автомобили на Мерцедес од почетокот на 20 век.
Белиот нос и предното крило исто така ги имаат историските логоа на Мерцедес-Бенц, како и потписот на Ники Лауда за да му оддадат почит на легендарниот возач, Претседател и пријател на тимот кој почина пред два месеци.
Во подрачјето на страничните крила на предната страна на шасијата, белата боја се чини дека е "изгребана", изложувајќи ја сребрената боја подолу. Овој ефект го одразува легендарното потекло на Сребрените стрели.
Кон задната страна на болидот, ефектот на гребење на бојата исчезнува, покажувајќи го оригиналниот 2019 изглед на Мерцедес W10.
Исто така, гаражата на тимот во Хокенхајм е редизајнирана и има историски постери од различни епохи во кои се натпреваруваа Сребрените Стрели.
Повеќе на оваа тема: