Празничните денови се зад нас, што значи дека е време да ги сумираме резултатите од традиционалната годишна анкета за македонските Ф1 фанови со која ставаме крај на минатата и целосно внимание го насочуваме кон новата 2023 сезона.
ГОДИНИ, ИСКУСТВО, ОБРАЗОВАНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ Ф1 ФАН
Поголемиот дел од македонските Ф1 фанови се во опсегот од 30-50 години, т.е. 70% од нив, додека во Македонија популацијата под 30 години е само 20% заинтересирана за овој врвен мотоспорт, што секако е разочарувачки податок.
90.5% од учесниците во анкетата се мажи, 63% се со високо образование. Поголемиот дел од нашата публика, 67% го следат Формула 1 шампионатот повеќе од 15 години, што значи дека добро ги знаат и се надеваме разбираат случувањата во врвниот мотоспорт.
Повеќе детали за овие и сите останати анкетни прашања имате на страницата каде се сумирани резултати и се наоѓа на следниот ЛИНК.
КАКО БИ ЈА ОЦЕНИЛЕ МИНАТАТА СЕЗОНА?
2023 сезоната доби оцена 3 од повеќето Ф1 фанови, 51.2%, оцена со која би се согласиле и ние, можеби 3+.
Новата генерација на Ф1 болиди донесе повеќе претекнувања, но доминацијата на Ред Бул ја претвори во втора последователно рекордна за нив, но просечна за фановите.
10.1% од фановите сметаат дека гледавме извонредна сезона во Формула 1, а само 4.9% мислат дека 2023 сезоната не може да добие преодна оценка.
Со оглед на бројноста на нашиот главен град, Скопје убедливо е на првото место по број на Ф1 фанови, а од минатата година фановите од Прилеп го презедоа второто место од Битолчани, поредок кој важи и за оваа анкета.
На анкетата учествувале фанови од следните градови со застапеност помала од 1% и тоа подредени по бројност би изгледало вака: Крушево, Богданци, Крива Паланка, Валандово, Виница, Дебар, Демир Капија, Берово, Македонски Брод, Ресен, Делчево, Дојран, Македонска Каменица, Кратово, Нов Дојран.
2.6% од македонските фановите кои не следат се наоѓаат надвор од Република Македонија.
ОМИЛЕН ВОЗАЧ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ Ф1 ФАНОВИ
Во оваа номинација беше понуден избор на сите возачи кои учествуваа во Ф1 шампионатот во изминатата сезона, така што резултатот во секој случај е целосен и реален одраз на македонските фанови.
Во 2020 година најголемиот дел од нив го подржаа успехот на Чарлс Леклер.
Во 2021 година, Макс Ферстапен беше на врвот на рангирањето по острата и неверојатна битка со Луис Хамилтон.
Во 2022 година, Моначанецот од Ферари се врати на првата позиција, пред Макс Ферстапен, додека Луис Хамилтон беше трет по популарност.
За 2023 година нема промени на првите две места, Чарлс Леклер останува најомилен возач во Македонија, Макс Ферстапен е во близина, но во сенка на Ферари.
Фернандо Алонсо со добрите настапи во Астон Мартин ја раситни фан базата на Ферари и се најде на третото место, пред Ландо Норис кој пак ја раситни фан базата на "слабиот" во изминатава година Луис Хамилтон.
Од останите возачи одреден рејтинг имаат Валтери Ботас 0.6%, 0.4% Нико Хулкенберг, 0.2% Пјер Гасли, Алекс Албон и Лиам Лосон, додека Кевин Магнусен и Јуки Цунода имаат по еден фан во Македонија.
Најнепопуларни возачи без нити еден фан од Македонија се Естебан Окон, Џоу Гуанју, Ленс Строл, Ник де Врис и Логан Сарџент. 3.6% од анкетираните немаат омилен возач.
НАЈДОБАР ВОЗАЧ ЗА 2023 ГОДИНА
И во оваа номинација беше понуден избор на сите возачи кои учествуваа во Ф1 шампионатот во изминатата сезона.
Чарлс Леклер ја држи првата позиција како омилен возач на македонските Ф1 фанови со тоа што едноставно вози за Ферари, но Макс Ферстапен според голем процент на анкетираните фанови е останува убедливо најдобриот возач на гридот и за 2023 година. Сосема заслужено!
Од останите возачи одреден рејтинг имаат Лиам Лосон со 0.2% и Нико Хулкенберг со 0.1%.
Без нити еден глас за подршка се: Валтери Ботас, Естебан Окон, Даниел Рикиардо, Џоу Гуанју, Ленс Строл, Пјер Гасли, Јуки Цунода, Кевин Магнусен, Ник де Врис и Логан Сарџент.
ОМИЛЕН ТИМ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ Ф1 ФАНОВИ
Во оваа категорија беа понудени сите тимови кои моментално учествуваат во шампионатот на Формула 1.
Секако, Ферари нема конкуренција во Република Македонија и цврсто го држи врвот и покрај долгиот период без освоена шампионска титула кај возачи, па нити во шампионатот на конструктори.
Ред Бул трета година по ред опстојува на второто место, сега пред тимот на Мекларен кој го спушти тимот на Мерцедес АМГ на 4-тото место по популарност.
Најверојатно фановите на Мекларен кои не беа задоволни од формата на тимот и наоѓаја утеха припојувајќи се кон Луис Хамилтон т.е. Мерцедес АМГ, сега почнуваат да се враќаат кон својот првичен миленик и нивните одлични млади возачи Ландо Норис и Оскар Пјастри.
Алпин и АлфаТаури(име кое заминува во историја) се двата најнепопуларни тимови во Македонија.
2% од анкетираните немаат омилен тим.
НАЈДОБАР БОЛИД ЗА 2023 ГОДИНА
Првите три позиции ги држат болидите на најпопуларните тимови, но огромно мнозинство од македонските Ф1 фанови се согласни дека тимот на Ред Бул го имаше најдобриот болид за 2023 сезоната - РБ19.
НАЈУБАВ БОЛИД НА ГРИДОТ ВО 2023 ГОДИНА
Како и секоја сезона, 2023 болидот на Ферари, СФ-23, со убедливо мнозинство се најде на врвот на табелата.
Болидите на Ферари во земја на Ферари како нашата секогаш се првиот избор, но тоа е случај и во поголемиот дел од земјината топка.
Според нас забележителни беа и "дресовите" на Алфа Ромео, АлфаТаури, Мекларен, но не нивните стандардни, туку специјалните, возени на една или неколку трки оваа сезона.
3.2% од анкетираните не можеа да се одлучат за нити еден од 10-те болиди кои настапуваа во 2023 шампионатот на Формула 1.
НАЈДОБАР ТИМСКИ ШЕФ ВО 2023 ГОДИНА
Во оваа номинација беше понуден избор од сите тимски шефови кои беа дел од Ф1 шампионатот во изминатата сезона.
Како и во случајот со најдобриот возач, според македонските Ф1 фанови, Кристијан Хорнер со убедливо мнозинство е најдобриот тимски шеф за 2023 година.
Исто така, сосема заслужено!
4.9% од анкетираните не може да се одлучат за тоа кој е најдобриот тимски шеф за 2023 година.
линк - ФОРМУЛА 1 - СИТЕ ПОВАЖНИ ДАТУМИ И ИНФОРМАЦИИ ЗА 2024 СЕЗОНАТА - линк
2023 АНКЕТА - Ф1 ФАНОВИ ВО МАКЕДОНИЈА (1)
1/23/2024 03:45:00 PM
0
Share to other apps