Адријан Њуи беше и останува голем критичар за новите технички правила кои ќе стапат на сила во Формула 1 шампионатот од 2026 година.
Иако се наоѓа во период на задолжителен одмор, јасно е дека тој не престанува да размислува за овие правила и дека денот кога ќе започне со работа во базата на Астон Мартин во Силверстон ќе го стори тоа со завршената домашна задача.
"Не се сеќавам кога последен пат имало нови правила и за шасијата и за погонската единица. Можеби тоа се случило во далечното минато, но не се сеќавам", започна Њуи критикувајќи ги насоките што ФИА ги презема околу новите правила, особено во однос на погонските единици.
Всушност, тој јасно кажа дека болидите од 2026 година ќе бидат побавни, многу побавни. За Њуи, добар дел од проблемите ќе бидат поради вмешување на политичката во спортот, но и поради тоа што моторите се регулирани од една страна и шасијата од друга, и во двата случаи правилата се премногу рестриктивни.
"Правилата за погонската единица од 2026 година беа воспоставени пред подолго време и тогаш не се размислуваше за правилата за шасијата што ќе ги придружуваат. Тоа е проблем со кој ФИА и тимовите мораа да се справат. Како ќе функционира сето тоа? Одговорот е дека никому не му е јасно."
За Њуи, главниот проблем е тоа што задржувањето на постоечките производители и обидот да се привлечат нови доведе до нереални избори.
"Од оваа гледна точка, новите правила се успешни. Ауди се придружува, додека Хонда ја промени својата одлука да замине и останува. Но, што се однесува до моторот, мислам дека правилата се загрижувачки."
"Првичната идеја на ФИА беше да добие 400 киловати од моторите и 400 киловати од електичниот дел на погонските единици. Потоа, сфатија дека 400 киловати од електричната страна се премногу за да бидат одржливи, круг по круг во трка, па бројката падна на 350."
"Но, дури и сега, сè уште постои голема загриженост дека болидите ќе бидат значително побавни на крајот од трката на правците, отколку на почетокот, бидејќи тие ќе ги трошат акумулаторите."
"Со други зборови, ако денес на крајот од трката темпото е високо затоа што деградацијата на гумите се компензира со помалата тежина поради потрошеното гориво, сега ќе влезе во игра друга променлива: намалувањето на моќноста... која може да се намали за половина... иако се прашувам колкава е големината, тежината и волуменот на акумулаторите кои треба да одржуваат 350 KW во текот на целата трка."
Но, според британецот тоа не е единствениот проблем. Ниту правилата за шасија/аеродинамика не се идеални и се движат кон едноличност, на која гледа како на нешто негативно и непожелно.
"Најважно за Формула 1 е оригиналниот карактер на болидите на различните тимови. Ако правилата на шасијата, кои главно се однесуваат на аеродинамичките елементи, станат премногу рестриктивни, сите болиди ќе изгледаат исто."
"Она што го велам е дека ограничувањето на аеродинамичките перформанси не е нужно за намалување на трошоците. Јас би го направил спротивното."
"Ако ги погледнеме другите мото категории кои се одлучија за многу рестриктивен тип на шасија, Индикар, кој е можеби најлошиот пример... или најдобар, тие тргнаа од многу успешен шампионат со бројни производители до средината на 90-тите, придвижувајќи се кон единствен производител со Далара."
ПОВРЗАНА СТАТИЈА:
ЛИНК -НОВАТА РЕГУЛАТИВА НА ФОРМУЛА 1 ОДИ ОД ЛОШО КОН ПОЛОШО?!?
"За мене вредноста на Ф1 се тимовите, а не автомобилските производители. Тие доаѓаат и си одат. Го менуваат извршниот директор, кој наеднаш одлучува дека попрво би спонзорирале тениски турнир отколку Формула 1, и одат во друга насока. Го гледавме тоа редовно."
Ф1 беше многу успешна во ерата на "гаража" тимовите, започнувајќи од Енцо Ферари, и многуте британски тимови кои ги градеа своите болиди околу универзалниот мотор на Косворт.
Од она што го кажува Њуи и она што е кажано во прописите од 2026 година, има целосна можност за потенцијално голема катастрофа со новата генерација на Ф1 болиди. Се чини дека ова е причината зошто веќе се размислува за нова регулатива од 2030 година.
АДРИЈАН ЊУИ НЕ ВЕРУВА ВО НОВАТА 2026 Ф1 РЕГУЛАТИВА
10/11/2024 09:35:00 PM
0
Share to other apps