По осумте тест дена пред стартот на сезоната, кои се одвиваа на патеката Каталуња во Барселона, имаме впечаток дека Мерцедес АМГ, Ферари и Ред Бул повторно ќе бидат класа над останатите, но, во најава е многу поостра битка помеѓу нив, од кога било досега. Сепак, првите четири трки ќе треба да ни го потврдат тоа.
Нашите размислувања за поредокот на тимовите може да ја прочитате со клик на следниот ЛИНК - ЗАВРШНА АНАЛИЗА.
Секако дека во периодот до првата трка тимовите не седеа со скрстени раце, туку работеа напорно на своите 2019 болиди, што може да се потврди од фотката со новите странични крила на Мерцедес АМГ, W10.
Враќањето на Хонда, како снабдувач со ПЕ на тимот на Мекларен, не одеше како што беше планирано, па сега Јапонците ќе се обидат до победничкиот подиум да стигнат со тимот на Ред Бул.
Истовремено, тимот од Милтон Кејнс со овој повеќегодишен договор очекуваат почетокот на една возбудлива нова фаза во напорите на тимот не само да се натпреварува за победи на трките, туку да се размислува за повисоки цели - Шампионските титули.
Новата 2019 сезона на Формула 1 Шампионатот ни донесува и одредени нови правила и прописи, но измените не се во толкава мера големи за разлика од најавените за 2021 година.
Сите овие промени се со цел да се направи Ф1 Шампионатот поконкуренет, а со тоа и многу поинтересен. Некои од промените за 2019 година ќе бидат очигледни, додека други се посуптилни и невидливи за голо око, иако не се помалку значајни.
Се воведува ново правило за наградување со еден поен на возачот кој го забележал најбрзиот круг во трката, но, под услов да финишира во топ 10 пласман. Покрај за возачот кој ќе го има најбрзиот круг, еден поен, ќе добие и тимот на кој тој возач е член.
Подетално за новите правила и прописи со клик на следниот ЛИНК.
Формула 1 мотоспортот останува зависен од значителни финансиски средства занормално функционирање на еден тим, па помалите тимови имаат големи проблеми за да го обезбедат својот опстанок.
До минатата година тоа беше Заубер, сега на ред е исконскиот тим на Вилијамс, кој ќе има тешка задача за избегнување на дното на табелите во поредокот на возачи и конструктори. Штета за овој тим со богата историја во Формула 1.
Брзата, тесна и лизгава патека во Мелбурн е вистнски предизвик за дебитантите. Од 17-те возачи на патеката за оваа година, на своето деби седуммина од нив не ја завршија трката, додека само шест од нив забележаа поени.
Џорџ Расел, Ландо Норис и Александар Албон ќе атакуваат за што подобар дебитантски пласман во Австралија.
Жак Вилнев, Луис Хамилтон и Кевин Магнусен се доказ дека дебитантите може да се искачат на Победничкот подиум во Мелбурн.
Покрај дебитантите, вреди да се спомене враќањето на Роберт Кубица во Формула 1. 2019 Австралија ГП-то ќе биде негова нова пресвртница, негово враќање во шампионатот по еден период на долго и тешко закрепнување, како на физички, така и на психолошки план. Тоа е една од најневеројатните враќања во историјата на Формула 1.
ПИРЕЛИ - Од оваа 2019 Ф1 сезона, Ф1 гумите на Пирели, ќе имаат само три бои. На секоја трка, тие секогаш ќе бидат обележани со бела, жолта и црвена боја, кои ќе ги означуваат тврдите, медиум и меките избори на гуми.
Но, тоа не значи дека ќе има само три смеши, туку тврдите, медиум и меки гуми ќе продолжат да варираат за да одговараат на различните карактеристики на секоја патека. На пример, црвените меки за Монако ќе се разликуваат значително од црвените меки за Силверстоун или Сузука.
Боите за Интермедиа и гумите за целосно влажно време остануваат непроменети и следната година, т.е ќе останат зелени и сини, соодветно.
Подетално за новините за 2019 сезоната со клик на следниот ЛИНК.
ИСТОРИЈА - Кога Формула 1 дојде во Австралија во 1985 година, своја база ја имаше во Аделаида. Но, Боб Џејн, екс-тркач кој подоцна станал претприемач сакал да има трка во Мелбурн. Тој го создаде AUSCAR Шампионатот, пандан на Американскиот NASCAR. Тоа било основа за создавање на голема мотоспорт заедница во Мелбурн, која постепено го зголемувала притисок кон политичарите. Така, во 1992 година Џеф Кенет е избран за нов премиер на државата Викторија, кој веднаш се насочил кон подобрување на тркачкиот профил на Мелбурн.
Прва желба на листата била доведување на Големата Награда на Австралија. Веќе во 1993 година е потпишан договор со Формула 1, но договорот со Аделаида истекувал во 1995 година. Веднаш се започнало со изградба на нова патеката во убавиот Алберт Парк во Мелбурн, а првата трка беше одржана во 1996 година. Патеката веднаш станува многу популарна кај возачите и фановите, кои со нестрпливост ја очекуваат секоја следна сезона од Формула 1 Шампионатот.